Мигрантите кај Табановце биле застрелани за пари?

 

Еден мигрант е убиен и тројца се повредени во престрелката која синоќа се случи кај Табановце. Инцидентот се случил синоќа околу 2 часот по полноќ во Табановце, а случајот во полиција го пријавил случаен минувач кој забележал како поголема група се расправа и го нарушува јавниот ред и мир. Полицијата која веднаш пристигнала на местото на настанот видела едно лице како облеано во крв лежи на автопатот, додека тројца други биле повредени од огнено оружје. Тие биле веднаш пренесени во кумановската болница, а потоа поради сериозноста на повредите префрлени во Клиничкиот центар во Скопје.

Според информациите до кои дојде Дневник, мигрантите ја започнале расправијата поради пари. 

- Чув пискање, а се слушаше и женски глас. Kога заврши пукањето, комбито замина од местото, а јас излегов и ги видов убиениот и тројцата ранети емигранти, кои беа на возраст од 30 до 40 години, изјави жител од селото за Дневник.

- Не спиев кога чув врева и викање што доаѓаа од правец на патот. Излегов надвор и на патот од каде што доаѓаше викањето забалежав комби како стои во место и во кое имаше повеќе лица. 
Возачот на комбито викаше по нив и ги истовари на патот. Потоа чув единечно пукање, па по неколку секунди повторно уште еден, па друг истрел. Не беше рафал, туку истрели од пишто, објаснува друг жител на селото за Дневник.

Убиството се случило на самиот автопат од Скопје кон ГП Табановце, покрај оградата што го дели автопатот со првите куќи од десната страна на селото. Жителите велат дека ова не е прв пат да има вакви инциденти, па затоа и се плашат за својата безбедност.

Неофицијлано, превозникот со возило за одреден паричен надомест ја превезувал групата мигранти кон границата со Србија. Kога пристигнале кај Табановце превозникот им ја покажал границата и им рекол да излезат од возилото и сами да се снајдат преку граница. Тогаш мигрантите почнале да се расправаат бидејќи очекувале да бидат пренесени преку границата. Тогаш превозникот најверојатно од страв да не биде нападнат извадил пиштол и пукал во емигрантите. Убил еден, а тешко повредил тројца од нив. Најверојатно имало и други кои успеале да избегаат пред да дојде полицијата, пренесе Дневник.

Инаку, полицијата сеуште трага по напаѓачот кој е во бегство.

Извор: Дневник

ФОТО: Нетпрес

најчитано сега