Цариниците минатата недела со полни раце работа - еве што се запленија
Во текот на минатата недела Цариниците спречија криумчарење на различна стока, златен накит, девизи, цигари, алкохол, дрога...
Цариниците запленија 294 грама златен накит од 10, 14, 18 и 24 карати на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со турски регистарски таблички што сообраќал на релација Истанбул – Охрид.Накитот цариниците го пронашле кај Американка која го скрила во својата торба.
Исто така, Цариниците запленија и 8.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој како патник во автомобил со македонски регистарски таблички се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце. Патникот пријавил дека носи 3.000 евра, но при извршената контрола, во џебовите од неговата облека се пронајдени 10.000 евра, за што не поседувал документ како доказ за нивното потекло.
Запленети се и 100 штеки цигари, 20 литри алкохол и 10 грама марихуана на Граничниот премин Деве Баир и Дојран. 55 штеки цигари МУРАТИ слимс и КАРЕЛИА-ОМЕ без акцизни маркички, откриени при контрола на автомобил БМЊ 318и со бугарски регистарски таблички управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените цигари биле сокриени под тапацирот на страничните делови кај задните седишта и во звучник сместен во багажниот простор на возилото. 33 штеки цигари Јорк со македонски акцизни маркички откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Дојран, при контрола на два автомобили со бугарски регистарски таблички, управувани од бугарски државјани, пријавени за излез од државата.
Минатата недела царината заплени и три мобилни телефони, 56 волнени прекривки, соја, облека...
На царинската испостава Куманово е откриен случај на царинска измама и обид за избегнување плаќање царински давачки во износ од 72 илјади денари преку погрешно тарифирање на стока.
Фирма од Битола пријавила за увозно царинење ,,хартиени омоти за корнети за сладолед”, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. При контрола на приложените документи, царинските службеници се посомневале во правилното распоредување на стоката, поради што била земена мостра и истата испратена на анализа во Царинската лабораторија. Испитувањето покажало дека предметната стока треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, за што се пропишани стапка за царински давачки од 15% и стапка за ДДВ од 18%. Увозникот е задолжен да ја плати разликата во давачките.
Исто така и на железничката станица Гевгелија, царинските службеници спречија нов обид за илегален влез на патници во државата. При контрола на товарен воз што сообраќал на релација Грција–Австрија, во контејнер натоварен со челична жица, пронајдени се тројца илегални патници, државјани на Сирија. Патниците се предадени на Службата за гранична контрола на Железничката станица Гевгелија.
ФОТО: Канал 5