Бакрачески: Одблокирањето на жиро-сметката на општината ни е врвен приоритет

 

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска даде отчет за сработеното во текот на првите сто дена од преземањето на локалната власт во градот, како и за активностите кон кои ќе се фокусира локалната самоуправа во периодот што престои, се со цел реализација на најавените проекти и планови.

Бакрачески ја истакна цврстата заложба на локалната самоуправа за поставување принципи на современо управување и донесување одлуки, како единствена цел – да одговори на модерните форми на менаџирање со општината и да овозможи подигнување на квалитетот на живот на граѓаните на општина Охрид.

- Како локална самоуправа вложивме многу напори за да ги решиме најважните проблеми со кои се соочуват нашите граѓани. Досега реализираното треба да се надоградува, а тоа не може без одблокирање на жиро-сметката на општината, што за мене како градоначалник е врвен приоритет, рече тој.

За сериозноста на предизвиците пред кои се наоѓа новата локална власт Бакрачески го посочи податокот дека против општината се водат 428 нови судски спорови за неподмирени обврски, финансиски обврски во висина од 32 милиони евра долг кон доверителите, како и долгови на општината врз основ на камати од извршни решенија дневно расте за 14 илјади евра.

- Се води еден комплексен процес преговори со доверителите за можноста за откажување од каматите и евентуално на одреден процент од главниот долг, како и отплаќање на преостанатиот дел од долгот од одговорената сума на рати, рече градоначалникот најавувајќи дека во тек е изработка на акциски план што треба да го утврди износот финансиски средства потребни за сервисирање на долговите кон доверителите.

Откако ќе се добие оваа прецизна бројка на потребен приход, рече Бакрачески, ќе се знае дали има потреба од кредитно задолжување на општината.

Градоначалникот потсети на сработеното во текот на првите сто дена од неговото стапување на должност, како што се реализираните реконструктивни зафати на сообраќајници и улици низ градот, санација на обврските на училиштата во општината и извршеното одблокирање на нивните жиро-сметки, зајакнувањето на работната дисциплина во општинската администрација, формирањето на Советот на градски татковци, отворањето Инфо-точка за лицата со посебни потреби, востановувањето на манифестацијата „Бело лето“, поставените над две илјади метри нови водоводни инсталации и цевководи за секундарна канализација, како и на динамизирањето на процесот на легализација на бесправно изградените објекти.

Истовремено тој нагласи дека веќе реализираните зафати и активности се само дел од предвидените проекти што следат како изградбата на првата технолошко-индустриска зона во Охрид, ревидирана Стратегијата за економски развој на општина Охрид, изградба на затворен пливачки базен, катна гаража во близина на Градскиот пазар, сообраќајна студија за градот.

ФОТО: Сител

најчитано сега