СДСМ молчи: Колку гласа брои едногласната одлука на ЦО за кадрите на Заев
Колку гласа брои едногласната одлука на СДСМ на вчерашниот Централен одбор на партијата во врска со кадровските решенија е прашањето на кое опозициската партија избегнува одговор. Откако Press24 ја објави информацијата дека вчера на Бихаќка состанокот на највисокото партиско тело поминал без присуство на една третина од 113те членови на Централниот одбор од партиската централа беше лиферувано соопштение дека одлуката била донесена едногласно.
„Централниот одбор на СДСМ едногласно ги поддржа сите номинации за министри и заменици министри: Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски за министерка за труд и социјална политика, Александар Кирацовски за заменик министер за информатичко општество и администрација, Кире Наумов за заменик министер за финансии и Љупчо Николовски за заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
-Јасно е за сите, влегуваме во Владата исклучиво како коректив на власта, со цел да обезбедиме гаранции за фер и демократски избори во интерес на граѓаните и на Република Македонија, рече претседателот Заев. “ – стои во соопштението на СДСМ.
Случајно или не, Центарот за комуникации на СДСМ не објавува колкумина присутни ја донеле едногласната одлука, ниту пак причините за отсуството на голем број партиски членови меѓу кои и заменик претседателката Радмила Шеќеринска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа