„Орка холдинг“ и „Метрополитен“ добија лиценци за дијализа
Компаниите Орка Холдинг АД Скопје и Метрополитен ДООЕЛ Скопје добија лиценци за вршење здравствена дејност дијализа на јавното наддавање што се одржа вчера попладне во Министерството за здравство.
Компанијата Орка понуди највисока цена за врешење дијализна дејност во Реон 2 со пет лиценци, со кои се опфатени градовите Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево, како и во Реон 3 со пет лиценци, со кои се опфатени Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци и Охрид.
Компанијата Метрополитен ДООЕЛ Скопје понуди највисока цена за вршење дијализна дејност во Реон 1 со седум лиценци, со кои се опфатени Крива Паланка, Куманово, Делчево, Кочани, Гевгелија, Струмица и Штип. Имајќи предвид дека за Реоните 2 и 3 најповолна понуда даде Орка Холдинг, според Правилникот во кој стои дека еден понудувач може да биде избран за најмногу два реони од вкупно четири, компанијата немаше право да учествува во јавното наддавање за Реон 4. Според тоа компанијата Метрополитен ДООЕЛ Скопје беше единствен учесник во јавното наддавање за Реон 4 и ја доби лиценцата за вршење дијализна дејност во тој реон кој го опфаќа скопскиот регион со седиште во Скопје.
Двете компании по потпишувањето на Договорот со Министерството за здравство треба да основаат приватни здравствени установи за извршување на дијализа, и меѓудругото се обврзуваат да ги заменат сите нефункционални столови за дијализа постари од седум години, да обезбедат транспорт на пациентите за дијализа во секој регон, да ги заменат сите апарати за дијализа со нови модели не постари од 2008 година, да понудат вработување во редовен работен однос на постојниот медицински кадар, како и да ги следат и имплементираат сите нови достигнувања во медицината за третман и лекување на болни од хемодијализа.
На огласот на Министерството за здравство беа доставени пет понуди од Метрополитен ДООЕЛ Скопје, АД Д-р Пановски, Орка Холдинг АД Скопје, СИЗ Вита дијализен центар-Тетово и Фрезениус Medical Саre. Од сите компании само Метрополитен ДООЕЛ Скопје и Орка Холдинг АД Скопје според Комисијата за спроведување постапка за доделување лиценца за вршење здравствена дејност дијализа, ги исполниле потребните услови за учество во денешното јавно наддавање.
Министерството за здравство го распиша огласот со цел да се подигне квалитетот на дијализната дејност во државата.
ФОТО: Сител