Преговорите пред крајот - договор е можен уште денеска
Почнува да се гледа светлината на крајот на преговарачкиот тунел меѓу македонските политички партии. Како што дознава Press24 Од извори кои учествуваат во преговорите, партиите почнале значително да ги приближуваат ставовите по речи си сите прашања, па не треба да биде изненадување доколку уште денеска, утре или пак во четврток падне и конечен договор.
Во последните неколку дена ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преговараат без посредство на меѓународните претставници по што дошло до приближување на ставовите а и двете страни покажале подготвеност за компромис по сите прашања.
Она што се чинеше како најголема пречка, односно Законот за Влада, кој требаше да ги регулира ингеренциите на новите заменици министри, можно е наскоро да биде усогласен.
Според информациите до кои дојде Press24 се разгледувале неколку модалитети на т.н. право на вето на заменик министерот. Меѓу сите, очигледно најмногу заеднички точки преговарачките групи успеале да најдат околу тоа, заменик министерот да може да стави вето на одлуката на министерот преку Државната изборна комисија. Тоа би функционирало на тој начин што по одредена одлука на министерот, заменикот ќе има право да ја извести Државната изборна комисија која ќе има надлежност во многу краток рок да оцени, дали одлуката на министерот ги крши изборните регулативи.
Во врска со новиот Министер за внатрешни работи, се разговара околу моделот тој да добие право да изврши одредени кадровски промени во министерството, но за секоја позиција на која што тој ќе назначи свој кадар, заменик министерот да има право да назначи негов заменик. Па така, ако Министерот за внатрешни работи назначи еден началник, заменик министерот ќе назначи негов заменик кој ќе има увид и контрола на неговата работа.
Најголем проблем очигледно ќе биде комплетирањето на тимот на Катица Јанева. Како што дознава Press24 партиите не знаат како да извршат притисок врз Советот на јавни обвинители да попушти и да и ги избере останатите обвинители на Катица Јанева. Според неофицијалните информации, ВМРО-ДПМНЕ побарале од СДСМ да не го условуваат донесувањето на Изборниот законик во Собранието со комплетирањето на тимот на Јанева, бидејќи нема начин како да се дејствува врз Советот на јавни обвинители кој е независно тело. Press24 дознава дека во деновите кои следат, политичките партии и меѓународниот фактор ќе направат уште еден обид и ќе побараат од Советот во интерес на решавање на политичката криза да и го комплетира тимот на Јанева.
Советот на јавни обвинители беше дециден дека нема намера да избере дополнителен број на обвинители додека Јанева не покаже поголем обем на предмети со кои ќе работи.
Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ официјално не ги потврдуваат ниту демантираат овие информации. И од двете страни само потврдуваат дека преговорите течат, а повеќе информации најавуваат тогаш кога ќе се постигне конечен договор.
Договор меѓу политичките партии ќе значи и виза за нови предвремени парламентарни избори кои треба да се одржат на 24 април.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа