Странските амбасади го погребаа Договрот од Пржино

 

Странските амбасадори сами го закопаа Договорот од Пржино, пишува весникот Дневник во својата анализа во денешниот број.
По групната изјава на амбасадорите пред Владата од пред два дена, Дневник анализира, дали и кој го прекршил Договорот од Пржино.

„СДСМ се врати во Собранието на 1 септември. Тоа значи дека ако партијата го почитува договорот, веќе на 2 септември снимките ќе беа во рацете на Обвинителството. Две недели подоцна е донесен Законот за специјалното обвинителство, по што е избрана и Kатица Јанева. Снимките не и се предадени ниту на неа, што само по себе е веќе фрлање на договорот од 2 јуни во кал. Интересно, завчера во изјавата што пред Владата ја читаше британскиот амбасадор Чарлс Гарет, ова не се спомена, туку се зборуваше за необјавување на материјалите. Што ќе рече тој, тие нека останат кај СДСМ, ама да не се објавуваат. Засега. Тешко е да се поверува дека амбасадорите не знаат што требало во врска со ова да се направи. Зошто тогаш, наместо за предавање на снимките, зборуваа за необјавување? Да прецизираме. Со договорот од 2 јуни, во член 6, алинеја 3 се вели дека СДСМ по враќањето во Собранието ќе ги предаде материјалите на Јавното обвинителство за итна постапка. Токму оваа реченица не е избришана ниту, пак, е изменета со протоколот од 15 јули, потпишан како и договорот, од страна на сите 4 партии. Таа само е дополнета со уште две реченици, во кои се нагласува дека до 15 септември ќе има нов специјален обвинител, кој ќе има целосна автономија да ги води истрагите за и што ќе произлезат од прислушуваните разговори, како и дека специјалниот обвинител ќе биде поставен со договор од страните-потписнички.

И покрај ова, снимките не се во рацете ниту на Обвинителството на Зврлевски ниту кај Јанева. Прашањето не е само процедурално, туку и суштинско: зошто тие и натаму се чуваат во приватни раце и зошто западњаците на ваков начин го сменија договорот од 2 јуни “ – пишува Дневник.

Весникот се обидел да добие одговор од странските амбасади зошто молчат во врска со овој проблем, но не добил одговор.

 
 
29.10.2015 - 11:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега