Амбасадорите ги повикаа политичките партии да го почитуваат договорот
Амбасадорите на Германија, Европската унија, Франција, Италија и Велика Британија денеска ја повикаа опозициската СДСМ да продолжи да го исполнува својот дел од обврските превземени со договорот од Пржино и да не објавува нови прислушкувани разговори.
Петтмината амбасадори во изјава која пред Владата ја прочита британскиот амбасадор во земјава Чарлс Герет ги повикаа политичките партии да го почитуваат договорот од Пржино од 15-ти јули. Тие очекуваат специјалната обвинителка да ги добие условите за работа што ги бара, а опозицијата, односно СДСМ, да ги исполни своите обврски од договорот, вклучително и обврската да не продолжи со објавување на прислушкувани разговори.
-Очекуваме на специјалниот обвинител назначен од Собранието, да му биде обезбедено сето она што е потребно за да ја спроведе работата која следи. Го поттикнуваме СДСМ да продолжи да го исполнува својот дел од обврските кои произлегуваат од политичкиот договор, вклучувајќи ја обврската да не објавува снимени материјали, рече Герет.
Герет изјави дека ја поттикнуваат владејачката партија да ја покаже потребната посветеност и да го спроведе договорот на конструктивен и итен начин и со добра волја. Изрази верување дека имплементацијата на договорот во Пржино е најдобар излез од оваа политичка криза. Со тоа, рече Герет, ќе се обезбеди простор за кредибилни избори кои ќе бидат признаени и национално и интернационално, како и одговорност за можни злоупотреби.
-Договорот од Пржино подразбира политичките партии да го стават интересот на државата на прво место и да ја покажат својата заложба кон процесот за евроинтеграција и демократски принципи. Сите партии треба да покажат добра волја, да ја потврдат заложбата за договореното и да се однесуваат според договореното и тоа во најбрз рок, како што бара моменталната ситуација, рече Герет.
Британскиот амбасадор заклучи дека доколку политичките партии не успеат, тоа ќе влијае врз оценката на Европската Комисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа