Синодски викенд на измамени мртовци
Мислите дека е скандалозно? Не! Драги мои . . . Срамно е! Се чини дека Македонската православна црква, односно досетливиот Архиепископ, го осмислиле најоригиналното решение за деценискиот проблем во Австралија. Едноставно да ги поништат, избришат Македонците. Просто е. Најлесно е. Да! За Синодот можеби, но за реалноста? Па што ќе им е на владиците реалност? Тие и така одамна живеат нереално.
Значи, сите Македонци кои живеат во Австралија и притоа не се црквувале под мантијата на Великиот Петар, ќе мора да се прецркват. Да . . . Да . . . Погребаните да се препогребаат. Венчаните да се превенчаат. Крстените да се прекрстат. Од кого, кај кого? Благословот од расчинетот поп е поневажен од благословот на непризнатиот поп. Која хипокризија… Која шизофренија…
Во таа историска одлука на МПЦ, која веројатно ќе остане како уште една темница на македонскиот црковен мрак, недостасува само уште кратко упатство – Правилник за тоа како да се организираат и извршат овие прецкрвувања. А, тоа е многу значајно, за да во иднина, на пример не му текне на некој подосетлив Архиепископ или Митрополит, па да каже дека прецквувањата не се валидни и да побара прецрквување на квадрат.
За да нема заблуди, Синодот на МПЦ под итно мора да свика вонредна синодска седница и да го изработи Правилникот за прецрквување. Од точка А до точка Ш. Прецизно.
На пример. За оние чии роднини починале и чие погребно опело треба да се преповтори да пропишат јасен протокол. Дали и како треба да се врши откопувањето на покојникот, во која црква треба да се пренесе? Дали треба да се отвори и ковчегот? Што треба да направат најблиските роднини? Дали е задолжително, или не да се повикаат баби редачки? Колку тоа треба да трае? Венци и цвеќиња, дали пак, треба да се носат? За свеќите не прашувам. Тие се задолжителни. Ама благата пченица.. ручекот.. ќе треба да се дава…?
Морбидно, а? Не . . . тоа е автохтона идеја на МПЦ како роднините уште еднаш да се видат очи в очи со покојниците.
Мене особено ми се допаѓа сугестијата на македонскиот свет Синод за групно препогребување. Тој ден може и во црковниот календар да го внесат, како „Викенд на измамени мртовци”.
Но, не е се така црно во предлогот на Синодот. Малку позабавен ќе биде делот околу превенчавањето. Но, да не се лажеме и овде има прашања кои можат да предизвикаат проблеми. Затоа во Правилникот треба да се пропише се. Од дрес кодоот за тој свечен чин, па се до првата брачна ноќ. Носењето невистински фустан и одело на младоженецот е клучна точка. Тука мислам дека МПЦ треба да има малку либерален став, па да овозможи и нови невестински фустани, не заради друго, многу од невестите пред 15 години денес тешко можат да влезат во истиот фустан.
И она што е особено значајно. Кумот и старосватицата? Смеат да бидат истите? Бидејќи се поклонувале на друг свештеник. Ако не можат, дали МПЦ по службена должност ќе им одредува кум и старосватица, или ќе имаат право на свој избор.
Од оваа церемонија најсреќни ќе бидат децата на превенчаните. Ќе имаат слики како спомени дека биле на свадбата на нивните родители.
И сега сме кај крштевањето, односно прекштевањето. Тука најдобро е да се направи масовно прекршевање и тоа во Пацифичкиот океан. Тоа е попрактично, отколку да се прават крстилници со димензии за големи мажи.
Башка, за гревот што ги крстил друг, а не Петар, потребно е и повеќе вода . . . Најдобро е во правилникот да стои дека крштението ќе се врши на три километри од брегот во длабочина поголема од 10 метри. Па кој преживее ќе може да плива по крстот назад до брегот. Така, истовремено може да се изведе и ритуалот од Водици. И сите новокрстени со лаптоп ќе си заминат дома како вистински, а не како што досега живееле во филмот на таканаречени верници.
И најзначајното, во молитвата за крштевањето треба да има одредени промени. На пример, новокрстените, наместо три пати да кажат „се откажувам од ѓаволот“, задолжително гласно да извикуваат – „се откажувам од Игор Александров”…
Замислете МПЦ да проповедаше Ислам . . . Сунет по втор пат не им бегаше.
И после Амфилохије бил крив што не им давал причест на македонските верници во неговите манастири во СПЦ.
Не.. после се, тој и Иринеј од Горна Белица сега имаат легитимно право да бараат препогребување, превенчавање и прекрштевање на сите во Македонија од 1967 година.
Марјан Николовски – Новинар
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа