ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ плука по Скопје 2014 во координација со Грција
СДСМ и денес не одговори на прашањето што членовите на т.н. Совет за култура (кои долго време беа на извршни функции) направиле или изградиле за Република Македонија? А бидејќи ништо не направиле повторно им го поставуваме и второто прашање. Каде одеа парите кога тие беа на власт?
Свесни сме дека СДСМ, немајќи со што да се пофали во полето на културата и уметноста, а најмалку во изградбата во време кога тие владееја, сакаат да фрлат дамка на се што се гради, помага и субвенционира во интерест на граѓаните.
Нивниот т.н. Совет за култура служи единствено само за плукање на сите проекти што се изградени и што се во фаза на израдба, заради тоа што се соочуваат со фактот дека самите тие ништо не направиле и ништо не изградиле во својот живот.
Очигледна е нервозата на СДСМ од одржаната пресконференција од страна на Министерстворто за култура, поранешниот градоначалник на Општина Центар и Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија. На таа пресконференција, јавно и транспарентно беа презентирани сите документи, сите постапки и сите процедури спроведени при реализација на овој проект. Уште позначајно, на таа пресконференција беше презентирана и вкупната вкалкулирана вредност на целокупниот проект, со што се покажа дека неговата вредност е нешто повеќе од 200 милиони евра, се движи од 0.5% до 1.5% од годишниот Буџет на Република Македонија и е многу, многу помалку од она што СДСМ го тврдеше дека чини, а тоа беше од пола милјарда до милјарда евра. СДСМ ќе беше среќна ако фактите за вредноста и процедурите не беа јавно презентирани. Така ќе продолжеше да ја лаже и замајува македонската јавност. Сега кога целата јавност ги има на увид сите потребни информации, СДСМ е фатена во лага.
Во своето 15 годишно владеење, СДСМ ништо не изгради, не постави ниту една цигла, не субвенционираше ништо, не зголемуваше ниту плати, ниту пензии, ниту социјална помош, не набавуваше нова медицинска апаратура, не градеше нови училишта. СДСМ треба да даде одговор, каде одеа парите кога тие беа на власт, зошто тогаш немаше ниту Скопје 2014, ниту било кој друг проект од интерес на граѓаните.
Овој проект е проект за граѓаните на Република Макеонија и за Република Македонија.
За нас целосно е неприфатливо дрското и безобразно однесување на СДСМ со кое што го нарекува поставувањето на спомен обележја на видни македонски дејци (Гоце Делчев, Даме Груев, Крсте Петков Мисирков, Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, Јордан Хаџи-Констанинов Џинот, Ѓорѓија Пулевски, Браќата Миладиновци и многу други) за брутално простачки национализам. СДСМ со својата постапка ги навредува граѓаните на Република Македонија и ги омаловажува столбовите на кои што почива македонскиот идентитен и борбата за слобода. Тоа е дно, кое што СДСМ не смееше да си го дозволи, но знаејќи го фактот дека во Советот за култура на СДСМ членуваат и личности кои во својот живот единствено што работеле е кодошењето, не е и неочекувано.
Очигледно е дека СДСМ своето соопштение го пишувала во координација со грчкото Министерство за надворешни работи, бидејќи во нивното соопштение се повторени истите обвинувања што грчкото министерство, овие денови, ги пласира на штета на Република Македонија.
Јавноста и историјата се тие што ќе дадат конечен став и за овој проект, но и за се друго што е сработено или несработено во Република Македонија. Зад нас има конкретни, изградени дела и конкретни реализирани проекти од интерес на граѓаните, зад СДСМ има само празни ветувања, лаги и уништување.
(Интегрален текст од писмено соопштение на ВМРО-ДПМНЕ)