Ангеловски: Работнички е подобар, ќе ја елиминираме Јелгава
Во таборот на македонскиот фудбалски вицешампион, екипата на Работнички владее оптимистичко расположение пред утрешниот реванш дуел од второто квалификациско коло за Лигата на Европа против екипата на Јелгава од Летонија.
Тренерот Игор Ангеловски се уште не може да го преболи поразот од првиот дуел на гостински терен со 1:0, кога Работнички беше подобар противник.
- Бевме подобри на првата средба, создадовме неколку одлични шанси, но ниту една не искористивме. Убеден сум дека во реваншот ќе бидеме поефикасни и ќе ја анулираме негативата од Јелгава. Видовме дека летонските фудбалери на специфичен начин изведуваат аути по кои можат да го загрозат нашиот гол. Знаеме што треба да направиме за да одиме понатаму, изјави на денешната прес-конференција Ангеловски.
Оптимист е и капитенот Баже Илијоски кој очекува конечно да ја затресе противничката мрежа.
-Знам дека од мене се очекуваат голови и се надевам дека утревечер од мојата прва шанса ќе го постигнам тој толку посакуван погодок. Поквалитетни сме и очекувам да ја минеме оваа пречка, изјави капитенот на Работнички.
Почетокот на натпреварот Работнички - Јелгава е утревечер од 20 часот на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа