Јапонски рецепти за заштита на Охридското Езеро

 

Денеска во Охрид се одржа завршниот семинар од „Студијата за прибирање на податоци за подобрување на животната средина на Охридското Езеро и техники за рехабилитација на канализацијата“. Студијата ја спроведоа јапонски експерти како начин за идентификација на проблемите поврзани со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро и неговата околина.

Експертите од јапонската агенција за меѓународна соработка денеска ги презентираа насоките за одредување каков тип решение би било најкорисно за санација на системите за собирање и третман на отпадните и канализациските води од охридското сливно подрачје.

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро истакна дека презентацијата укажува кои се проблемите со кои се соочува езерскиот еко-систем.

- Имавме презентација на техники кои може да се употребат за реновирање на самиот колекторски систем и техники кои што треба да помогнат за санација и долгорочно обезбедување на заштитата на Охридското Езеро, рече тој.

За градоначалникот Никола Бакрачески презентираните анализи на јапонските експерти многу ќе помогнат во изнаоѓање решение за неопходното освежување на веќе застарениот колекторски систем за заштита на Охридското Езеро.

Градоначалникот на Струга, Џеладин Села со забелешка дека за санација на колекторскиот систем е неопходна помош од централната власт.

- Кога зборуваме за колекторскиот систем, зборуваме за животната средина. Централната власт треба да го изменаџира колекторскиот систем бидејќи не се работи за локален проблем, изјави Села.

Охридското Езеро од 1980 година го носи статусот Светско наследство на УНЕСКО. Колекторскиот систем за негова заштита е веќе застарен, со нефункционални сегменти, а самите пумпи на системот и станицата за третман на отпадните води веќе немаат капацитет да го примат целокупниот отпад.

Експертите од Јапонија предлагаат подобрувања на системот преку неколку препораки, и тоа испитување на неидентификуваната вода во канализациската мрежа, изготвување канализациска база на податоци, како и поправка и рехабилитација на оштетените канализациски цевки.

Инаку, средствата за рехабилитација на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро ќе бидат обезбедени преку наменска донаторска конференција. 

најчитано сега