Прилеп под вода - Ристески на терен
Комисијата за процена на штети во општина Прилеп денеска излезе на терен за да направи увид во штетите кои ги предизвика вчерашното невреме проследено со пороен дожд и град. На терен се екипите на јавните претпријатија, а вклучени се и војниците од прилепската касарна „Мирче Ацев“.
- Ги посетуваме населбите и површините со тутун за да видиме каква е ситуацијата. Комисијата ќе ги процени големите штети на земјоделските култури, посебно на тутунот, а потоа ќе се прави извештајот. Екипите на јавните комунални претпријатија „Комуналец“ и „Водовод и канализација“ заедно со локалната самоуправа и војската од прилепската касарна „Мирче Ацев“ работат на расчистување на смет, наноси и на сите последници од невремето што вчера попладнето го зафати Прилеп, проследено со пороен дожд и град. Екипите на „Водовод и канализација“ уште ноќеска беа на терен. Екипите работат посебно во населбите каде улиците беа поплавени, изјави градоначалникот Марјан Ристески.
Од невремето најмногу се погодени населбите Бончејца, во централното подрачје, Тризла, Варош, а има поплавени долни катови и визби во пониските делови на градот.
Според првичните согледувања од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, невремето преку 90 отсто го уништи родот на околу 1.600 хектари.
- Од вкупно погодените површини, преку 500 хетари се со тутун, преку 700 со пченица и околу 400 хектари со јачмен. Штетите на тие површини се големи и речиси целосни, изјави Коста Дурланов, началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.
Дурланов истакна дека единствен начин за заштита при вакви ситуациии е осигурувањето на родот. - При непогоди, Владата веќе учествува со 60 отсто во премијата за осигурување, што е голем стимул да се осигура родот, рече Дурланов.
Најпогодени се атарите на селата во Прилепско, Марул, Старо и Ново Лагово, Галичани, месностите Под Варош, Заград.
- Уништувањето на површините со тутун е речиси целосно. Опфатени се преку 500 хектари, а деновиве заврши садењето, рече Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.
Од Сојузот информираат дека најважно е родот да се осигура. Засега во Македонија околу 2.000 земјоделци–тутунари го осигурале родот, од кои околу 400 се од Прилепско. Од погодените со вчерашното невреме, само на 5 отсто производители им е осигуран тутунот.
- Неодамна потпишавме договор со осигурителната компанија „Винер“, каде се поповолни условите за тутунарите. Владата покрива 60 отсто од премијата. Во просек тутунарите треба да платат околу 1.400 денари. Од нив сега само 10 отсто или 140 денари, а остатокот до крајот на бербата на тутунот, крајот на септември. Денеска многу тутунари дојдоа во Сојузот на тутунските здруженија и се интересираа за осигурувањето на родот, рече Милески.