Тепачката во Центар ги разгоре шпекулациите дека ЛДП ќе си замине од коалицијата на СДСМ
ЛДП потврдува дека пред седиштето на партијата во центарот, денеска, околу 12 часот имало инцидент помеѓу тројца нивни членови.
Од ЛДП за Либертас велат дека жалат за инцидентот и тој и нанесува штета на угледот токму сега кога, како што велат, новото раководство ја консолидира партијата.
Не очекував дека овој инцидент помеѓу тројцата мои сопартијци ќе се предимензионира и жалам што тоа се случило – вели за опозицискиот портал претседателот на ЛДП, Горан Милески.
Инцидентот се случил денеска, околу 12 часот, кога генералниот секретар на ЛДП, Дуфе Куковски, прво вербално, а после и физички ги нападнал сопартијците Бобан Јанковски, доскорешен претседател на младите либерал демократи и Кире Секулоски, двајцата вработени во општина Центар.
Куковски им задал по неколку удари и заминал, а тие инцидентот го пријавиле во МВР.
Извори од партијата за Либертас тврдат дека генералниот секретар Куковски двајцата ги сметал за свои деца, но според него, ја подржувале струјата на екс лидерот Жерновски, и затоа им бил лут. Тоа било причината што вербални и физички ги нападнал. Од ЛДП најавуваат и соопштение откако ќе ги утврдат деталите за инцидентот.
Сепак, Генералниот секретар на ЛДП, Дуфе Кукоски веќе испрати соопштение, од лично име но преку центарот за комуникации на партијата.
„Јас, Дуфе Кукоски, во својство на генерален секретар на ЛДП, тврдам дека немало физички напад и не станува збор за никакви внатрешни табори и поделби, напротив – се работи за едно обично меѓусебно недоразбирање помеѓу мене, како генерален секретар на ЛДП и доскорешниот претседател на младината на ЛДП во контекст на раздолжување на партиски имот (партиско патничко возило и скутер).“ – стои во изјавата на Кукоски испратена до медиумите попладнево.
Информациите кои ги објавуваат медиумите финансирани од СОРОС и блиски до СДСМ само ги потврдуваат се погласните шпекулации дека односите на релација СДСМ – ново раководство на ЛДП не одат мазно. Медиумите веќе објавија дека новото раководство на ЛДП не е задоволно од третманот кој го има во опозициската коалиција, а една од работите кои му се ставаа на Жерновски како замерка е токму таквата позиција во која ја ставил својата партија како претседател.
Некои медиуми веќе објавија дека главна причина за инцидентот била распределбата на партиските вработувања а камен на сопнување била информацијата дека Жерновски вработува луѓе блиски до СДСМ за сметка на оние кои работеле за ЛДП на изборите и на кои има било ветено работно место.
Новиот лидер на ЛДП, Горан Милевски во интервју за Press24 на почетокот од минатиот месец рече дека неговата партија останува во опозициската коалиција, но најави дека нејзиното дејствување ќе добие друга димензија
„ Соработката со СДСМ во изминатиот период била коректна. Колку ЛДП дала свој придонес во донесувањето на одлуките или колку се наметнала во опозицијата не е проблем на СДСМ туку е наш пропуст. До колку во јавноста сме оставиле впечаток дека сме тргнати на страна останува обврската таквата перцепција во иднина да ја промениме“, вели во интервјуто за Прес24, Горан Милевски претседател на ЛДП.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа