Скопје доби автоматска метеоролошка станица

 

 Скопскиот плански регион денеска ќе ја пушти во употреба првата автоматска метеоролошка станица во Скопската котлина, што претставува почеток на градењето на мрежата за мезометеоролошки мерења на Градот Скопје.

Станицата ќе мери температура на воздухот, релативна влажност, правец и брзина на ветерот и количеството на врнежи и ќе овозможи континуирано следење на временските прилики во Скопје во текот на годината. Со повеќегодишното мерење, пак, ќе се добијат показатели за промените на климата во Скопската котлина.

Станицата е сместена во дворот на ОУ „Петар Поп Арсов“ во општината Карпош. Податоците од мерната станица ќе ги прибираат стручни лица од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), а ќе бидат достапни на Интернет-страниците на Центарот за развој на Скопски плански регион, Градот Скопје и другите градски општини.

Европската регулатива налага следење на микроклиматските услови во градовите со повеќе од 100.000 жители, а крајната цел е добивање податоци и информирање на јавноста за промената на метеоролошките елементи и појави под влијание на урбаната средина.

Потребата од воспоставување мезометеоролошки набљудувачки систем во урбаните средини е значајна и заради негативното влијание на климатските промени врз сите сегменти од урбаното живеење. Особено внимание се посветува на здравјето на луѓето, при појава на екстремни температури, односно топлотни бранови и долготрајни периоди со појава на „езера на студен воздух“.

Проектот за реализација на мезометеоролошките мерења е реализиран од страна на Центарот за развој на Скопски плански регион со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија, односно Бирото за регинален развој при Министерство за локална самоуправа и Градот Скопје. Во вкупната вредност на проектот од 372.880 денари, Министерството за локална самоуправа учествува со 252.960 денари, а Градот Скопје со 119.920 денари.

Градот Скопје, Центарот за развој на Скопскиот плански регион и УХМР ќе ја продолжат својата соработка за изградба на градската мрежа за мезометеоролошки мониторинг со поставување нови мерни места на повеќе локации во градот и опкружувањето.

најчитано сега