Барселона ќе ја бојкотира ФИФА и „Златната топка“
Претседателот на Барселона Жозеп Бартомеу објави дека клубот ќе ја бојкотира „Златната топка“ и дека ги прекинуваат сите врски со Светската фудбалска федерација.
Судот за арбитража во спортот неодамна ја потврди одлуката на ФИФА која се однесува на забраната Барселона да прави трансфери во наредните два преодни рока, поради кршење на правилата за трансфери на малолетни играчи.
Церемонијата на доделувањето на „Златната топка“ е закажана за 12-ти јануари во Цирих, а фудбалерот на Барселона Лионел Меси е еден од кандидатите, заедно со Кристијано Роналдо и Мануел Нојер.
-Се додека трае казната нема да имаме институционални односи со ФИФА. Му испратив сериозно писмо на Сеп Блатер и нема да присуствувам на церемонијата на доделувањето на „Златната топка“. Но, тоа не е крај на овој случај. Предвидувам дека нашиот случај во светот на фудбалот ќе стане нешто како Босман. Колку и да трае нема да го загубиме овој случај, вели Бартомеу.
Покрај Меси, уште неколку фудбалери на Барселона се наоѓаат во изборот за тимот на годината, како што се Клаудио Браво, Жорди Алба, Дани Алвеш, Хавиер Маскерано, Жерар Пике, Чави, Андрес Иниеста, Луис Суарез и Нејмар.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа