НБРМ: Банките во Македонија ликвидни и стабилни

 

Комитетот за оперативна монетарна политика оцени дека ликвидноста во банкарскиот систем во Македонија во текот на мај беше на релативно високо и стабилно ниво, при што банките активно ги користеа расположливите монетарни инструменти. На пазарот на пари, довербата меѓу пазарните учесници се уште е на високо ниво, а каматните стапки и натаму имаат тренд на надолно движење. Како резултат на вообичаените сезонски движења, на девизниот пазар е забележано умерено намалување на прометот.

Народната банката информира дека Комитетот вчера одржа седница на која беа разгледани најновите макроекономски показатели, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во мај 2013 година и ликвидноста во банкарскиот систем.

Во соопштението се наведува дека најновите податоци за еврозоната покажаа пад на економската активност во првиот квартал, а рецесијата најверојатно ќе продолжи и во второто тримесечје од годината. Сепак, како што се наведува, согласно со најновите оцени на ЕЦБ, се очекува дека реалниот БДП ќе закрепне во втората половина од годината, главно како резултат на позитивното влијание на извозот, поттикнат од постепениот раст на надворешната побарувачка, пред се во САД. Исто така, поволно влијание врз домашната побарувачка се очекува и од поддршката од страна на монетарната политика и напредокот во однос на фискалната консолидација.

На седницата на Комитетот е оценето дека најновите макроекономски движења не отстапуваат значително во однос на априлските проекции.

Најновите показатели за економската активност и оцените за факторите на растот во следниот период упатуваат на задржување на досегашните оцени за раст на економијата во 2013 година. И понатаму се очекува дека ова закрепнување нема да биде доволно силно за да предизвика поголеми притисоци во економијата преку каналот на побарувачката.

Привремениот висок раст на цените во април, делумно заради пренесените ефекти од поплавите, веќе во мај беше исцрпен.

Инфлациските остварувања во периодот април-мај се во рамки на проекциите, со што засега не се очекува отстапување на инфлацијата од проектираната патека за 2013 година.

Девизните резерви во второто тримесечје забележаа пад, што е вообичаено сезонско движење и е во рамки на проекциите. Последните оцени за надворешната позиција на економијата и понатаму упатуваат на простор за зголемување на девизните резерви до крајот на годината. Проценетите показатели за адекватност на резервите укажуваат на ниво на девизни резерви во наредниот период, што е доволно за справување со евентуалните, непредвидени шокови.

Од аспект на најновите, првични монетарни податоци, заклучно со мај, се посочува во соопштението, е забележано раздвижување на кредитниот пазар, што упатува на можноста за остварување на очекуваниот кредитен раст за 2013 година. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, согледувањата на банките за ризиците и понатаму имаат голема улога во определувањето на обемот на новото кредитирање, а проекцијата на кредитниот раст повторно е придружена со надолни ризици.

Во оваа насока, се вели натаму, влијае и динамиката на монетарниот раст, којашто според најновите податоци е послаба во однос на очекуваната. Имајќи ги предвид овие движења, НБРМ согласно со најавите, во следниот период ќе ја оцени потребата од преземање дополнителни мерки за поттикнување на кредитниот раст.

И покрај релативно поволните движења гледано од монетарен аспект, ризиците за монетарната политика и понатаму постојат. Иако се оценува дека вкупната инфлација ќе остане во рамки на проекцијата и во прифатливи рамки, базичната инфлација и понатаму е висока укажувајќи на релативно високи пренесени ефекти од растот на цените на храната и енергијата врз останатите цени во економијата.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот беше одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5%, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ (24.020 милиони денари).

НБРМ, се наведува во соопштението, ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно да ја приспособува монетарната политика, доколку е потребно.

најчитано сега