„Владата нема да дозволи поскапување на струјата“ - се одложува либерализацијата на пазарот со струја
Либерализацијата на пазарот со струја, што требаше да стартува на 1 јули, се одложува, изјави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини.
Причина за одложувањето е можноста да дојде до поскапување на струјата за домаќинствата и за стопанството, што, според Сарачини, Владата немало да го дозволи.
- Од последните анализи коишто ги направивме во Министерството за економија јасно и прецизно може да се види дека, уште еднаш ќе кажам од избрзани одлуки, од неподготвени анализи може многу лесно да се дојде до покачување на цената на електрична енергија и тоа за дури 20 проценти за индустријата односно за бизнис заедницата додека за граѓаните ова покачување би било до 25 проценти. Како Влада нема да дозволиме ова да се случи без да направиме дополнителни анализи, изјави министерот Сарачини.