Канческа-Милевска и шпанскиот амбасадор Каранза разговараа за културната соработка меѓу двете земји
Продлабочување на соработката во културата меѓу Македонија и Шпанија, преку поголема размена на експерти, уметници и проекти, било тема на денешната работна средба меѓу новиот амбасадор на Кралството Шпанија, Рамон Абароа Каранза, и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во нејзиниот кабинет.
- Амбасадорот Каранза ја искажа поддршката на Шпанија за европската интеграција на Република Македонија и нагласи дека Европската Унија нема да биде целосна без вклучувањето на нашата земја. Тој, исто така, ја пренесе големата заинтересираност на Министерството за култура на Кралството Шпанија за поголема промоција на шпанската култура во нашата земја, притоа истакнувајќи дека со потпишувањето на меморандум за соработка ќе се создаде правна рамка за воспоставување поинтензивни културни врски, информира Министерството за култура.
Министерката Канческа-Милевска оценила дека досегашната соработка со Шпанија е на солидно ниво, со континуирано претставување на македонската култура во оваа земја, но значаен е и бројот на содржините со кои шпанската култура се претставува во Република Македонија.
Соговорниците ја поздравиле досегашната успешна соработка на институциите од областа на културата меѓу двете земји, а ја истакнале и реализацијата на проектите меѓу националните библиотеки од Скопје и од Мадрид, како и културните манифестации посветени на афирмацијата на шпанската кинематографија што ги организираше Кинотеката на Македонија.
- Во изминатиот период, на особен прием кај шпанската публика наидоа настапот на македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески, учеството на Никола Маџиров на еминентниот Меѓународен поетски фестивал „Гранада“, настапите на камерното дуо Шперовиќ-Рибарски во шпанскиот град Хирона, како и многу други проекти. Канческа-Милевска потсети и дека во 2011 година, на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, идејното решение на Спомен-куќата на Тоше Проески, во конкуренција од 704 објекти од целиот свет, беше наградено со престижното признание за најдобро архитектонско дело, соопшти за средбата Министерството за култура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа