Иванов на Спортски бон-тон во Свети Николе

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на спортско-културната манифестација „Традиционални спортски игри - Спортски бон-тон", која се одржа во Свети Николе.

Целта на проектот е промовирање на Спортски бон-тон како модел на интегрирање на децата од училишна возраст, во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавање традицијата, културата и обичаите.

Градоначалникот Зоран Тасев изразувајќи благодарност за имплементирањето на проектот во општина Свети Николе, рече дека очекува од организаторите и понатаму да осмислуваат интересни игри и содржини, кои што на овој начин ќе ги анимираат децата.

– Нашата цел е да ги извадиме децата од затворените простории, за да се дружат и да го негуваат колективниот дух, да се почитуваат меѓу себе и да бидат посветени повеќе на спортот, негувајќи го натпреварувачкиот дух, изјави градоначалникот Тасев.

Координаторот на проектот Иван Анастасовски рече дека ги радува фактот бидејќи за прв пат во проектот вклучуваат и деца со посебни потреби. - Сакаме да формираме адаптибилна програма за физичко образование, која што во иднина ќе влезе во образовниот процес, истакна Анастасовски, додавајќи дека реакциите на децата покажале оти проектот се движи во вистинската насока.

По општината Свети Николе, домаќин на традиционалните спорски игри ќе биде Ново Село, градоначалникот Блажо Велков истакна дека општината е подготвена за манифестацијата и оти очекуваат учество на голем број деца.

Проектот Спортски бон-тон имплементиран во 2014 година се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД. Овојпат проектот се одржува во општините Охрид, Велес, Карпош, Свети Николе, Маврово-Ростуше и Ново Село.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски бон-тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.

03.11.2014 - 14:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега