Начевски ќе го тужи Станиќ за удирање бокс во лицето
Генералниот секретар на РФМ Марјан Начевски изјави дека ќе го тужи голманот на Металург Дарко Станиќ за удар во главата. Во големата мешаница која што настана пред крајот на полувремето меѓу Вардар Про и Металург овие двајца беа главните актери. Очевидци велат дека имало удирање, пренесува Дневник, но голманот Станиќ негира каков било физички контакт, велејќи дека се се тоа само „конструкции во главата на Начевски“.
- Точно е дека имавме вербален дуел, но немаше никаков контакт. Таа верзија за удирање ја слушнав и јас, но нема ништо од тоа. Начевски и мене вербално ме нападна и нормално е дека му вратив, но с' остана на тоа. Што тој си смислил во главата е негова работа. Тоа воопшто не е вредно ни за споменување - вели Станиќ за Дневник.
Од МВР велат дека имало пријава за физички напад меѓу лицата/
Седев во публика зад клупата на Металург. Откако Миркуловски доби црвен картон, го повикав да се качи на трибината за да не го казнат ако остане на клупата. Одеднаш голманот на Металург, Дарко Станиќ, пријде и почна да вика „с' е ова ваше масло, на судиите" и ненадејно ме удри со бокс по лицето. Со ништо не го провоцирав Станиќ и не ни помислував дека може нешто такво да стори. До мене седеа двајца полицајци, кои не реагираа бидејќи Станиќ е актер на теренот, но рекоа дека ќе направат службена белешка. Случајот го пријавив во полиција, имам лекарско уверение за повредата и ќе го тужам голманот на Металург - изјави Марјан Начевски, поранешен генерален секретар на РФМ, кој е актуелен делегат и комесар на СЕХА-лигата.
ФОТО: Идивиди.ком.мк