Бесими ја продолжува “турнејата“ низ Европа - денеска бара поддршка од Франција за Македонија
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска престојува во работна посета на Пaриз, каде води политички разговори со претставници на француската држава во пресрет на Советот на ЕУ на кој ќе се одлучува за доделување датум за почеток на преговори со Република Македонија.
Бесими допатува во Париз откако на средбата во Европскиот парламент во Брисел истакна дека „членството е стратешка определба на земјата и затоа Владата е посветена на имплементација на сите неопходни реформски процеси, особено во областите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво кој овозможи да се воведе дополнителна динамика на целиот процес.“
По посетата на Лондон, каде ја доби поддршката на британската Влада, средбите во Брисел и денеска во Париз, Бесими утре заминува во Берлин. Во рамките на неговата дипломатска офанзива, Бесими треба да ги посети и Мадрид и Даблин. Според најавите кои вицепремиерот ги даде пред оваа дипломатска турнеја, се очекува да им испрати писма со аргументи на сите европски пратеници кои гласаа против или кои беа воздржани во однос на резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија.