Со македонски возачки дозволи во Италија, Шпанија, Албанија и Словенија
Република Македонија склучи договори со Италија, Шпанија, Албанија и Словенија за реципрочно признавање на македонските возачки дозволи, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Со склучувањето на овие договори за заемно признавање на возачките дозволи под услов на репроцитет, како што се наведува, се овозможува на граѓаните на Република Македонија, како и на граѓаните на земјите со кои е склучен договорот за конверзија, а врз основа на прописите кои ја регулираат материјата за „престој“ во странство, тие да ги променат возачките дозволи без да полагаат теоретски и практичен дел од возачкиот испит. Притоа, одредбите од овие договори за конверзија не се однесуваат на внатрешните прописи во однос на здравствените и психолошките услови потребни за управување со моторните и приклучните возила, кои се поврзани со уверенијата за здравствената и психофизичката состојба на возачите.
Во моментот на признавање на возачката дозвола која е предмет на конверзија, се земаат во предвид еквивалентите категории и поткатегории во возачката дозвола, кои се признаваат врз основа на прилозите за категории и поткатегории на управување со моторни и приклучни возила кои се составен дел на секој договор за заемно признавање (конверзија) на возачките дозволи. Инаку, во тек се преговори за склучување на исти вакви договори за заемно признавање на возачките дозволи со Австралија и Нов Зеланд, како и со СР Германија и Австрија, стои во соопштението.