МОН: Заев манипулира

 

Министерството за образование и наука во изминатите години покажува максимална и подеднаква коректност и конструктивност во соработката со сите единици на локалните самоуправи, вклучувајќи ја и општина Струмица, реагираат од министерството. 

Според нив, апсолутно се неточни тврдењата на градоначалникот Зоран Заев во врска со одредени ситуации и состојби во областа на предучилишното и училишното образование, коишто тој ги наведува во една негова денешна изјава, а за коишто, во интерес на вистината приложуваме неколку аргументи:

Имено, невистина е дека Министерството за образование и наука  не дава согласности за воведување на нови насоки и профили во средните училишта. Само во последните 3 години, конкретно, по барање на општина Струмица одобрени се и неколку нови профили, како: банкарски техничар, техничар за агроменаџмент, физиотерапевтски техничар, техничар за компјутерско управување, конфекциско – компјутерски оператор и техничар за дизајн на облека.

„Дополнително, токму во новата учебна 2014/2015 година во 52 средни стручни училишта, наставата во тригодишното стручно образование започна да се реализира по нови реформирани наставни планови и програми за 13 струки и 13 образовни профили кои Министерството за образование и наука ги креираше со поддршка на ЕУ, од кои, дел се во општина Струмица во две средни училишта:

Во  СОУ „Димитар Влахов“, профилот градинар – цвеќар во земјоделско – ветеринарната струка, додека

Во СОУ “Никола Карев“, профилот конфенционер во текстилно – кожарската струка, профилот автомеханичар во машинската струка и електроинсталатер и монтер во електротехничката струка. Во ова училиште, согласно Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2014/2015 година се воведува и експериментална програма за фудбал и кошарка.

Исто така, би сакале да информираме дека во следниот период Министерството за образование и наука, преку Skills проектот финансиран од Светската банка, планира анализа на мрежата на средни стручни училишта, којашто ќе покаже кои струки и профили недостасуваат и се потребни во одредени региони во земјата, од што ќе зависат сите понатамошни чекори и реформи во тој дел.

Во врска со констатацијата за вработувањата по основ на старо финансирање и замена по одреден основ, информираме дека истите се реализираат тековно согласно побарувањата за целата учебна година. Тековно се реализираат и трансформациите на работен однос, согласно доставените барања од општинската комисија, а врз основа на комплетната документација од страна на училиштата. Во барањата испратени до Министерството за финансии за оваа година, доставени се и 3 барања ( за 3 позиции) од општина Струмица.

 

Министерството за образование и наука и понатаму ќе продолжи да соработува и да биде искрен партнер на општина Струмица, но и на сите други општини, во заедничките заложби за унапредување на образовната сфера на локално ниво, со што се придонесува за унапредување на севкупниот македонски образовен систем. Градоначалникот Заев може да биде сигурен дека нема да дозволиме воспитно образовниот процес да се одвива на едно, како што тој вели “ризично, под задоволително ниво“.“ - велат од МОН

Реакцијата на МОН следи откако Заев денеска од Струмица обвини дека минситерството е глуво на неговите барања.

„Пазарот на трудот во Струмица покажува дека има потреба од овие насоки, а за одредени насоки нема воопшто интерес, како што се раноградинар, автомеханичар и слични каде што буквално има само по тројца ученици запишано или воопшто ги нема. Ова го кажувам за да можеме уште сега да ги почнеме подготовките заедно со министерството за образование и да бидат прифатени насоките од опсежните анализи кои ги правиме заедно со стопанството за да можеме да излеземе во пресрет на пазарот на трудот и секако да обезбедиме пореално вработување на младите генерации кои што доаѓаат по нас. Сакам да спомнам уште еден многу горлив проблем за кој навистина и јас како градоначалник и Советот на општина Струмица сме загрижени, а тоа е проблемот со детските градинки во Струмица. Граѓаните знаат дека постојат 4 клона кои офаќаат преку илјада дечиња. Проблемот е во тоа што веќе долг период не можеме да добиеме согласности за испразнетите места по основ на пензионирање“ - оцени струмичкиот градоначалник Заев

01.09.2014 - 21:09
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега