Нова можност за упис на Универзитетот во Битола

 

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола денеска и утре ќе го реализира вториот уписен рок за студенти - бруцоши за новата академска година.

Од битолскиот Универзитет информираат дека слободни се 2.492 места за трите категории студирање (државна квота, кофинансирање и вонредно студирање) и на сите високообразовни институции лоцирани во Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Велес, Кичево и во Скопје.

На техничкиот факултет слободни се 390 места, на економскиот факултет слободни се 490 места, на факултетот за туризам и угостителство слободни се 149 места, а на педагошкиот факултет ќе може да се запишат уште 39 бруцоши.

Вториот уписен рок ќе се реализира и на факултетот за биотехнички науки каде се огласени 163 слободни места, на високата медицинска школа има место за уште 168 студенти, на факултетот за безбедност 71, додека на правниот факултет може да се запишат 214 студенти.

На новоотворениот Факултет за информатички и комуникациски технологии може да се запишат 555 студенти, на технолошко-техничкиот факултет 217, додека на ветеринарниот факултет има место за уште 39 студенти кои ќе студираат во прва година.

Објавувањето на прелиминарните ранг листи ќе се изврши на 4 септември, а запишувањето на примените кандидати е на 11 и 12 септември.

Од Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола потврдуваат дека доколку има потреба за организирање на трет уписен рок, истиот ќе се спроведе на 15 септември. 

01.09.2014 - 10:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега