Бакрачески: Охриѓани се жалат на бирократската локална администрација
Бирократија на локалната администрација, квалитетот на дадените информации и барањето мито за вршење одредена работа, се дел од забалешките кои охриѓани ги дале како причина која го кочи процесот на легализација на дивоизградените објакти во Охрид.
Граѓаните на Охрид забелешките ги ставија во анкетните листови кои од тимови составени од по двајца вработени во општината беа доставувани во домовите на лицата кои бараа легализација на бесправно изградените објекти, информира денеска градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески на доделување на решенија за легализација.
Според него, 20-те тимови биле едуцирани да вршат олеснување на процесот на прибирање документација и информирање на граѓаните кои чекори треба да ги направат за полесно и побрзо да дојдат до легализација на нивниот бесправно изграден објект.
Граѓаните сметаат дека локалната администрација не е доволно ангажирана околу процесот на прибирање на документите и квалитетот на дадените информации.Сметаат дека квалитетот на информациите од задолежните лица, кои треба да им го објаснат целиот процес и чекорите за добивање решение за легализација не е адекватен. Имаме и пополнети анкетни ливчеиња, каде граѓаните кажуваат дека во минатото се среќавале и со барање мито за да им се заврши некоја работа, изјави Бакрачески.
Тој нагласи дека ги преземаат сите мерки и активности за ригорозно сузбивање на оваа појава, со што ќе биде отстранета една од покрупните пречки на која се жалат граѓаните.
Досега се посетени над пет илјади домови и добиени се пополнети прашалници од 2.550 семејства. Врз база на обработката на податоците кои ги добиваме од прашалниците, ги креираме натамошните правци со цел овој процес да добие на динамика, рече Бакрачески.
Од добивањето на мандатот, како што нагласи, за само два месеца се издадени 128 решенија, што го оцени како брзо, споредено со периодот од 2011 до 2013 година, кога за две години се издадени само 600 решенија.
- Од април годинава со добивањето на мандатот веднаш пристапивме кон проект за забрзување на динамиката на овие решенија со оглед на големата бројка која не притиска за решавање на овие спорови во делот на легализација на бесправно изградените објекти. Ако продолжевме со оваа динамика како претходно, не ќе можевме да ја исполниме нашата обврска дадена со Закон, да ги легализираме бесправно изградените објекти, рече охридскиот градоначалник Бакрачески.
Во периодот од март 2011 до април 2013 година до општина Охрид доставени се околу 11.320 барања за легализација на дивоизградени објекти. Законот за постапување со бесправно изградени објекти е донесен во март 2011 година, а неговиот рок на имплементација е пет години.
ФОТО: Сител