Владите од регионот размислуваат да ја копираат мерката на македонската Влада за отпис на долговите

„Великодушни Македонци“,„Македонија ги спасува најсиромашните“,„Македонија им ги отпишува долговите на социјално загрозените“, се насловите на медиумите од регионот. Истите со огромен интерес го следат текот на македонскиот проект за еднократен отпис на долгови, што официјално почна да се реализира кон средината на август, пишува Лидер.мк.

Освен медиумите, проектот со голем интерес го следат и владите од регионот. Последните информации од Црна Гора говорат дека оваа земја сериозно размислува да го преслика од нас целиот концепт. Од Министерството за финансии на оваа земја, за тамошните медиуми изјавуваат дека се отворени, откако ќе направат сериозни анализи за ефектите, да го спроведат отписот со цел заштита на најзагрозените слоеви граѓани.

„Владата на Црна Гора и Министерството за финансии во континуитет превземаат активности за подобрување на материјалната состојба на најранливите категории во општеството. Во таа смисла, ова Министерство е отворено, со претходна детална анализа на сите потенцијални, краткорочни и долгорочни ефекти, да ги разгледа сите начини за поттикнување на социјално загрозените граѓани, вклучувајќи го и моделот кој е имплементиран во регионот“ – стои во соопштението од Министерството за финансии на Црна Гора.

Македонскиот модел за отпис на долгови сериозно е проучуван и од економистите во регионот. Според Василиј Костиќ од Црна Гора, оваа мерка носи поволни економски ефекти, и на индивидуален и на колективен план, иако во прв ред е социјална мерка. Според него, последиците од оваа мерка ќе бидат позитивни и за државата, и за нејзините граѓани, но и за банките кои би учествувале во овој проект.

„Импликациите од една ваква одлука повеќе се социјални, отколку економски, но не треба да се занемари социјалниот момент. Тој е многу важен за одржување на социјална кохезија на општествената заедница, а таму каде што државата води сметка за социјалната сигурност на своите граѓани, таквата заедница има поголеми шанси за напредок, во однос на оние кои тоа не го прават“ – изјавил Костиќ за медиумите од Црна Гора.

И Хрватска се реши за сличен модел. Се проценува дека ќе им се излезе на помош на повеќе од 70 илјади граѓани, иако бројот на оние со блокирани сметки е многу поголем. Државата воведе строги критериуми кои треба да ги елиминираат сите обиди за манипулација. Во кратки црти, моделот функционира на тој начин што банките им го отпишуваат долгот на граѓаните, а државата за тој износ им ја намалува основицата за оданочување. Според јунските податоци на хрватската финансиска агенција, во оваа земја им се блокирани сметките на речиси 317 илјади граѓани, а долговите ја надминале сумата од 3,5 милијарди евра.

Дневно се поднесуваат и по 3.000 барања

Барањата за отпис на долгови почнаа да се поднесуваат од 18 август. Од Центрите за социјална работа информираат дека се поднесуваат и по 3.000 апликации дневно. На првиот ден се раскажаа тажни судбини.  Скопјанецот Марјан Станковски 11 години е без работа. Додека бил во активен работен однос земал кредит, но откако останал на улица се нашол во многу непријатна ситуација.

„Имав потрошувачки кредит, кој додека бев вработен редовно си го плаќав. Половина го исплатив, но тогаш останав без работа. Со времето и каматите се зголеми сумата, па сега единствен излез ми претставува отписот на долгови“ – раскажува Марјан.

Уште еден господин, кој своето барање го поднесе до Центарот за социјална работа во Гази Баба, ни ја раскажа маката. Бил вдовец и невработен. Долговите за електрична енергија си ги покрил, но не може да излезе на крај со сумата што треба да ја плати за РДТ.

„4.000 денари должам за радиодифузна такса“. Струјата ја платив од малкуте примања што ги имам, но ова не можам да го платам“ – ни кажа во отворениот разговор.

Човекот што седеше на клупата до него ни кажа дека за РДТ должи 3.600 денари. За струја 29 илјади денари, а на кредитни картички околу 36 илјади денари.

Со проектот се опфатени трите најранливи категории граѓани: приматели на социјална и на постојана парична помош, невработени кои повеќе од една година активно бараат работа и лицата изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар, инвалидност или потешка болест, настанати во последните пет години. Се отпишуваат долгови за електрична енергија, парно, РДТ, минуси на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки, обврски од потрошувачки кредити, настанати заклучно со 31 декември, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата. Конечната бројка, колку граѓани ќе бидат опфатени со проектот и колкава е вкупната сума што ја должат, ќе биде позната откако ќе заврши рокот за поднесување на барањата и проверката што ќе ја направи надлежната комисија. Првичните процени говорат дека со оваа мерка, ќе бидат опфатени меѓу 50 и 100 илјади граѓани.

Вицепремиерот Ставрески вели дека со ова исполнуваат едно од најголемите предизборни ветувања, влезено во владината програма за новиот мандат. Проектот го препознаа и доверителите, па во него се вклучија сите банки, две штедилници, ЕВН, ЕЛЕМ, МРТ, Топлификација, нотарите и извршителите.

„Банките, ЕВН, Топлификација ќе се откажат целосно од побарувањето, односно од главнината и каматата. Извршителите и нотарите се откажуваат од нивниот дел, а ние ќе им компензираме со 10 проценти, колку што е ослободувањето од данок, бидејќи се работи за лоши пласмани кои тешко се наплатуваат. Најважно е што на граѓаните целосно ќе им биде простен долгот, без никакви ограничувања“ – Ставрески го објасни моделот по кој функционира проектот “Еднократен отпис на долгови“.

Центрите за социјални работа перфектно си ја вршат својата работа, ги процесираат барањата, на шалтерите нема метеж и подолги задржувања. Проектот целосно треба да заврши до ноември годинава.

29.08.2014 - 09:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега