Доделени ваучери за новороденчиња во Кисела Вода
Денеска во општина Кисела Вода по 14. пат се доделени ваучери за новородените дечиња. Еднократна парична помош од 6.000 денари добија вкупно 41 семејство за бебињата од кои 20 се машки, а 21 женски.
- Да се додели еднократна парична помош во висина од 6.000 денари на семејствата кои имаат принова, беше одлука што ја донесовме кон средината на претходната година и оттогаш, заклучно со денес, доделивме 618 ваучери, истакна претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев, пред присутните родители.
Донев ја потенцираше важноста на секое новородено дете за опстанокот на општеството.
- Во услови кога не само Македонија, туку и речиси сите земји во регионот и повеќето од Европската унија се соочуваат со пад на наталитетот, драго ми е што можам да кажам дека денеска ќе доделиме ваучери за 41-но новороденче, што е значаен придонес во опстанокот на нашата нација, бидејќи семејството е главниот столб за опстанок на еден народ, за градење здраво и силно општество, рече претседателот на Советот.
Пред да ги додели ваучерите, Донев уште еднаш ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите да ја достават потребната документација до административните служби и да го остварат своето право за еднократна парична помош што ја доделува општина Кисела Вода.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа