Утре почнува продажбата на билетите за натпреварот против Белгија
Влезниците за првиот натпревар од квалификациите за Евробаскет 2015, што Македонија го игра против Белгија, ќе бидат пуштени во продажба утре по цена од 100 денари за горните трибини и 150 денари за партер.
На веб страната на МКФ се објавени продажните места каде можат да се купат влезници, а на билетарницата на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе можат да се купат билети на денот на одигрување на натпреварот (10 август) од 12 до 21 часот.
Натпреварот против Белгија е од големо значење за македонските кошаркари бидејќи белгијците се први фаворити во групата составена уште од Белорусија и Данска.
- Нашата репрезентација одигра неколку одлични натпревари во текот на подготвителниот период, а поддршката од полни трибини во нашата најголема арена, како што беше случај и во минатите години, повторно ќе има огромно значење за нашите кошаркари, во походот да го одржат континуитетот на настапи на Европските првенства, велат од МКФ.
Македонија по натпреварот со Белгија ќе одигра три натпревари на гостински терен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа