Втора фаза од изградбата на новиот водоснабдителен систем за Тетово

Министрите за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и за образование и наука Абдулаќим Адеми, заедно со градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, денеска го посетија местото каде се одвиваат работите за изградба на втората фаза од новиот водоснабдителен систем за Тетово „Зафат на реката Пена и Студена вода“.

- Со новиот водоснабдителен систем ќе се обезбедат оклу 200 литри вода во секунда за градската водоводна мрежа. Со проектот се предвидува изградба на преостанатите 8,5 километри и согласно проектот поставување на сите елементи,како цевки,шахти,испусни вентили и слично, рече министерот Изаири.

Градоначалничката Арифи изрази надеж дека со завршување на овој зафат ќе се затвориме тој долгогодишен проблем со кој се соочуваше Тетово како недостаток на вода.

- Од страна на Владата се обезбедени два милиони евра и според проектот градежните активности ќе се одвиваат 2014 и во текот на 2015 година во времетраење од околу 16 месеци, рече Арифи.

За реконструкција на градските водоводни мрежи низ градот, министерот Изаири рече дека сите локални самоуправи имаат определени средства за изработка на проектна документација за решавање на овие проблеми и оти Министерството за екологија ќе ги поддржи сите општински проекти согласно постапката. 

04.08.2014 - 15:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега