9. Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ денеска во Струмица
Под мотото „Зад деветото платно“ вечерва во Домот на АРМ во Струмица почнува 9. Интернационален филмски фестивал „Астерфест“.
На свеченото отворање ќе биде доделено признанието Астер за високи достигнувања во авторскиот филм на словенечкиот режисер Карпо Година, родум од Скопје, а почесното признание за вонсериски достигнувања во полето на краткиот филм ќе го прими германскиот синеаст и прв човек на Оберхаузенскиот фестивал, Ларс Хенрик Гас.
На првата вечер ќе бидат прикажани словачкиот анимиран филм „Ничија земја“ во режија на Мартина Фрајштакова, белигиско-францускиот краток филм „Умирање на сенката“ од Том Ван Авермает и германскиот документарец „Утре ќе живееме пак“ на Корина Гизен.
Од 22 часот истата вечер публиката ќе има можност да присуствува на проекцијата на филмскиот блок Мувеленд составен од осум современи кратки филмови од Словачка.
Во недела официјалната фестивалска програма продолжува со панелот насловен „Перспективите на кусометражниот филм“, а во вечерните часови ќе бидат прикажани шест документарни филмови, по што ќе бидат прикажани шест екслузивни кратки филмови од Оберхаузенскиот фестивал.
Главното жири кое ќе одлучува за наградите оваа година е составено од Јулија Канчева - режисер и професор од Бугарија, Лефтерос Филактос - режисер и продуцент од Грција и Томислав Алексов - режисер од Македонија.
Манифестацијата е под покровителство на Министерството за култура и Собранието на општина Струмица.