Седници на повеќе собраниски комисии

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се очекува денеска да ги соопшти предлозите за членови на новиот состав на Комисијата за верификација на фактите.

Доколку предлог-одлуката биде изгласана од Комисијата таа би можела да се најде на дневен ред на денешната 11-та седница на Собранието, чиј почеток е закажан за 13 часот, информираше на средба со новинарите вчера претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски.  

Седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата од вчера беше презакажана за денеска претпладне.

На дневен ред на Комисијата е дополнување на одлуката за именување на членови на Националниот совет за евроинтеграции и за измена на одлуката за избор на членови на комисиите на Собранието.

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат и комисиите за транспорт, врски и екологија, за политички систем и односи меѓу заедниците, Законодавно-правната комисија и Буџетскиот советн на Собранието.

Членовите на Комисијата за транспорт ќе расправаат за измените и дополнувањата на Законот за железничкиот систем и на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, двата во второ читање.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе ги разгледа дополнувањето на Законот за договорен залог, Предлог-законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и за измените на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, сите во второ читање.

Прва седница ќе одржи Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија. На дневен ред е предлог на стратешки план на Собранието за периодот 2015-2017 година, предлог буџетското барање на Собранието за 2015 година, како и предлог заклучок за утврдување на бројот на надворешни соработници по пратенички групи.

Законодавно-правната комисија ќе расправа за повеќе закони во второ читање.

30.07.2014 - 09:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега