Меѓународен одбојкарски турнир на песок во Скопје
Викендов во Скопје ќе се одржи петтиот по ред Меѓународен одбојкарски турнир на песок, во огранизација на Градот Скопје и Одбојкарската федерација на Македонија. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на денешната прес-конференција изрази задоволство што оваа манифестација стана традиционална, а преку неа Скопје влезе во мапата на европските градови во кои се играат најквалитетните турнири во одбојка на песок.
- И оваа година Град Скопје ќе биде покровител на Меѓународниот одбојкарски турнир на кој покрај македонските ќе настапат 16 странски двојки од речиси сите балкански држави. Оваа манифестација е значајна поради тоа што со неа се збогатува летната понуда на спортски настани и ќе овозможи граѓаните да уживаат во квалитетни натпревари на отворено, рече Трајановски.
Градот Скопје го помага турнирот со 400 илјади денари, а останатите средства се обезбедени од спонзорите ЕЛЕМ, МЕПСО, Алкалоид и Пивара Скопје. Наградниот фонд на турнирот е пет илјади евра.
- Се трудиме секоја година да го подигнеме нивото на овој турнир. Се надевам дека следната година ќе бидеме еден од организаторите на Челинџ натпреварите и со тоа официјално ќе влеземе во оние европски стандарди на организирањето на вакви турнири, посочи скопскиот градоначалник и упати апел до жител на главниот град во голем број да ги проследат натпреварите на игралиштата на кејот на реката Вардар.
Натпреварите почнуваат во петок во 18 часот и ќе траат да 24 часот. Во сабота и недела натпреварите ќе се одржуваат од 9 до 13 часот претпладне и од 18 до 24 часот навечер.
Претседателот на ОФМ Петар Јовановски и генералниот секретар Зоран Карановиќ очекуваат неизвесни натпревари и во машка и во женска конкуренција.
- Одбојката на песок има голем замав во светот, а со ваквите турнири ја промовираме и во нашата земја, истакна Јовановски.
Покрај македонските екипи учество потврдија екипи од Албанија, Бугарија, Црна Гора, Србија и Хрватска. Неизвесен е настапот на грчките екипи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа