Тим странски кардиохирурзи ќе оперираат дечиња во Македонија

 

Од почетокот на идната недела во Македонија, по вторпат годинава пристигнува тим  детски кардиохирурзи на чело со професорите Вилјам Новик и Али Доџ Катали кои ќе направат нова серија кардиохируршки операции на деца со срцеви проблеми кои се лекуваат на Клиниката за детски болести на одделот за кардиологија.

Од Министерството за здравство информираат дека во тимот од дваесетина странски експерти, ќе бидат вклучени познатиот кардиолог Томас Дисеса, анестезиологот Вишња Иванчан, интензивистот Џенифер Тули и уште десетина познати лекари.

На списокот за операција се најдоа десетина деца кои имаат комплексни вродени срцеви маани. Хирурзите ќе ги изведат операциите на Клиниката за детска хирургија. На интернационалните лекари ќе им асистираат лекари од Клиниката за детска хирургија од Клиниката за детски болести. Во тимот се вклучени и анестезиолози и медицински сестри од Универзитетските клиники, информираат од Министрството.

Ова е втора посета на американскиот тим од почетокот на годината. Во март годинава тимот изврши 11 неонатални кардиохируршки интервенции кај бебиња помали од девет месеци. Потребата од овој проект произлезе од значителниот број деца кои имаат потреба од ваков тип интервенции.

Проценките на лекарите се дека од 25.000 живородени деца, 250 деца имаат кардиохируршки проблеми. Од нив 120 бараат хируршко лекување. Кај 60-тина деца операциите треба да се направат пред тие да наполнат една година. До отворањето на кардиохируршкиот центар во земјава, овие деца се праќаа на лекување во странство.

Проекциите на Министерството за здравство се дека за три години македонските хирурзи кои сега работат со американскиот тим, ќе можат сами да ги изведуваат овие операции. Во моментов се прават и контакти и со педијатриските центри во Косово и во Албанија кои се заинтересирани нивните пациенти да ги праќаат на операции во Скопје. На овој начин Македонија станува регионален центар за детска кардиохирургија. Тимот интернационални кардиохирурзи до крајот на годината ќе дојдат уште двапати во земјава и тоа на 15 септември и на 30 ноември, се вели во соопштението од Министерството за здравство. 

најчитано сега