Изложба на Ана Матовска во Мала Станица

 

Во Национална галерија на Македонија, објект Мала станица, утре ќе биде отворена самостојна изложба на младата македонска уметничка Ана Матовска под наслов „Related parties“. Изложбата е дел од програмските активности на НУ Национална галерија на Македонија за 2014 година, а е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија

Ана Матовска е родена во Скопје, Република Македонија во 1982 година. 2006 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со графички дизајн, во класата на проф. Димитар Малиданов. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Од 2009 година живее и работи во Берлин, Германија. Во 2013 година дипломира на Berliner Technische Kunstschule (Akademie für Gestaltung), отсек комуникација дизајн. Од 2013 година е член на Professional Association of Visual Artist Berlin (bbk berlin e.V.). До сега реализирала 5 самостојни изложби во Берлин (2007, 2009, 2013), Скопје (2007) и Њујорк (2012), а учествувала на 14 групни изложби во: Скопје, Берлин, Париз и Велес. Добитник е на Годишната награда за графика  на ДЛУМ  “Димче Николов” (2007) и Државна награда за Плакат за “60 години АСНОМ” (2005).

Насловот „Related Parties“ на изложбата на Ана Матовска, претставена во Националната галерија на Македонија, а претходно и во „Gallery MC“ во Њујорк (2012), може да се преведе на македонски најсоодветно како „поврзани субјекти“. Токму именката „субјекти“ и придавката „поврзани“ се означувачки елементи на делата претставени на оваа изложба, изработени во неколку циклуси во период од 5 години. Симболичниот наслов реферира на инсистирање на субјективизам, поседување свој сопствен свет, став и исказ по однос на одредени прашања од реалноста, односно доследно дистанцирање од секојдневието.

Примарен мотив што е присутен во сликите и во фотографиите на Ана Матовска е третманот на женската фигура, било да станува збор за реален модел или, пак, за модел на кукла. Делата од изложбата „Related Parties“, различни според техничката реализација, се поврзани меѓу себе според естетскиот сензибилитет и според изборот на темите. Иако Ана Матовска инсистира на субјективноста на својот сопствен свет, сепак на еден контрадикторен начин тенденциозното бегање од реалноста создава спротивен ефект - од аспект на психолошко-социјални-културолошки толкувања, на виделина излегува една повеќеслојна суптилна (и секако субјективна!) критика на современоста и на нејзините продукти и стереотипи.       

Одговорен кустос на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска. Изложбата ќе биде отворена до 17 јули 2014 година.

02.07.2014 - 11:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега