Радост за дечињата: Маша и Медо утре пак во „Александар Палас“
Поради големиот интерес и посетеност и овој викенд продолжува дружењето на најмладите со нивните омилени ликови: палавата Маша и доброто мече Медо.
Настанот кој минатиот викенд предизвика вистинска радост за најмладите, случување кое долго ќе го паметат децата и нивните родители ќе продолжи и овој викенд. На нивно барање, издавачката куќа Култура во сабота и недела, со почеток во 18:30 часот во тенискиот клуб на хотелот Александар Палас повторно организира дружење и фотографирање со Маша и Медо. Влезот е бесплатен.
За време на настанот, ќе биде поставено и детско интерактивно катче каде децата ќе можат да бојат, цртаат, учат да пишуваат, како и да се забавуваат на познати детски песнички.
Во недела, забавата ќе ја збогати и популарниот пејач и долгогодишен водител на детскиот фестивал „Златно славејче“, Влатко Илиевски.
Гледаноста на руските краткометражни анимирани филмови „Маша и Медо“ на YouТube надминува дури половина милијарда гледања, а телевизиската популарност во многу земји ги урива рекордите во гледаност.
По долги деветмесечни преговори и исполнување на сите стандарди, Култура, нашата издавачката куќа со најдолга традиција, ги доби издавачките авторски права за „Маша и Медо“ во Македонија. Боенките и сликовниците со ликовите на Маша и Медо кои се создадени од тимот на Егмонт Русија, а издадени на македонски и албански јазик можат да се најдат во сите продажни места на издавачката куќа „Култура“. Истовремено, за време на викенд настаните, посетителите исто така ќе можат да ги купат овие едиции. Едицијата Маша и Медо засега брои 4 црно бели боенки, 1 боенка насловена „Залепи и обои“ и 10 интерактивни сликовници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа