Николова: Јаневска да го повлече спорниот Закон за основно образование, да не се враќаме еден век назад

 


Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, повика на повлекување на Законот за основно образование, којшто според партијата врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти.

„Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела. Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост“, рече Николова.

Владата не го прифати намандманот на СДСМ за вработување на образовните асистенти на неопределено време, со што, според СДСМ,  ќе се гарантираше континуитет и ќе се спречеше стресот за децата и родителите секоја година.

Според опозициската партија, загрижува и одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи. Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, рече Николова, туку создава простор за насилство и дискриминација, особено во училиштата, кои треба да бидат најбезбедни за децата.

„Ја повикуваме министерката Весна Јаневска да го повлече предлог законот за основно образование и заедно со стручната фела да го подобриме текстот и да ги заштитиме сите деца. Ние сме спремни да се вклучиме во таков процес. Ја повикуваме и претседателката Гордана Силјаноска Давкова како застапничка за еднаквост, родова рамноправност и недискриминација, да се вклучи и да се бори за правата на децата со попреченост и нивното право на образование“, велат од СДСМ.

Според нив, ваквиот закон ваквиот закон е враќање цел век наназад.

27.12.2024 - 10:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега