Николоски: Експресниот пат Куманово-Страцин-Крива Паланка е првиот проект кој се завршил навреме во историјата на Македонија

 

Експресниот пат Куманово-Страцин-Крива Паланка е првиот проект кој се завршил навреме во историјата на Македонија. Патот е од народот и за народот и ќе значи големо економско заживување на источниот дел од државата – истакна во Вечерното шоу на Богдан Илиевски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
 
“Станува збор за еден прекрасен проект, со четири ленти, две од едната и две од другата страна, каде дозволената брзина е 110км на час. Овој пат ќе значи заживување на источниот дел на државата и е главна артерија за поврзување со Бугарија. Она што е исто значајно е што по овој експресен пат ќе почне да се развива бизнис. Очекувам од левата и од десната страна на патот да почнат да се развиваат стопански субјекти и фабрики, кои што ќе вработуваат нови луѓе, како и трговски центри, магацини, бензиски пумпи и се она што носи развој со изградба на една ваква делница”, истакна Николоски.
 
Министерот потенцираше дека затекнал катастрофална состојба на овој патен правец, каде еден од изведувачите целосно ги напуштил работите, а проблеми имало и со недостатокот на работници и надзорот. 
 
 “Со судни маки успеавме да ги вратиме работниците назад и да обезбедиме надзор. По најголем дел од трасата косините не беа заштитени, а на најголем дел од трасата немаше ниту капка асфалт или поточно на 17,5 км од 25 км воопшто немаше асфалт. Немаше ограда, немаше банкини, немаше еластична ограда, немаше канали изведени, сигнализација и се она што е дел од уредување на еден пат”- истакна министерот Николоски.
 
Во однос на тоа како работите се завршија во рок од 6 месеци, а притоа имајќи ги во предвид сите недостатоци, Николоски потенцираше дека за прв пат во изградбата на еден патен правец во Македонија се применија нови методи.
 
“За прв пат се примени асфалтирање на ниски температури, со што целосно се промени динаминката на изградба. Прв пат Македонија виде дека може да се работи под рефлектори. Немаше класично работно време од една смена, туку се работеше во три смени. Трето, прв пат Македонија виде дека може да се работи на дожд, секако со заштита на работниците. Четврто, прв пат Македонија дека може паралелно да се работи на повеќе сегменти од патот и петто, за прв пат се мобилизираше толкав број на работници и машини кои работеа во исто време”, потенцираше Николоски, кој најави дека во 2025 година ќе следуваат многу нови проекти и позитивни вести.
10.01.2025 - 09:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега