Нетанјаху: Ослободувањето на заложниците не значи крај на војната
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, побара од владата да го поддржи договорот со Хамас за ослободување на заложниците и рече дека Израел ќе ја продолжи својата војна против Хамас додека не ги постигне сите свои цели, јавува „Би-Би-Си“.
Во видео изјавата снимена пред состанокот на владата на која се разговараше за можен договор за ослободување на заложниците, тој рече дека е глупост војната да престане откако тие ќе бидат ослободени.
Нетанјаху враќањето на заложниците го опиша како „света и примарна цел“.
„Има фази во војната и има фази во враќањето на заложниците, но нема да запреме додека не победиме целосно, додека не ги вратиме сите“, рече тој. „Тоа е света должност на сите нас“.
Тој побара од неговата влада да го поддржи договорот за ослободување на некои од заложниците земени од палестинските милитанти на Хамас во Појасот Газа за време на нападот врз Израел на 7 октомври.
Нетанјаху и кажа на својата влада дека тоа е тешка, но правилна одлука и ќе му дозволи на Израел да продолжи да се бори против Хамас.
Целта е, исто така, рече тој, „да нема ништо во Газа што би му се заканувало на Израел“.
Договорот меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар, за ослободување на заложниците и повеќедневна пауза во борбите е „во завршна фаза“ и „поблиску од кога било“, изјави претходно извор запознаен со преговорите.
Во тек се преговори за ослободување на 50 цивилни заложници кои ги држат Хамас и палестинските жени и деца од израелските затвори, рече изворот.
Доколку тоа се случи, тоа ќе биде најголемото ослободување заложници и прва размена на заробеници од почетокот на војната на 7 октомври, кога Хамас го нападна Израел и киднапираше 240 заложници.
Лидерот на Хамас претходно во вторникот изјави дека тие се блиску до договор за прекин на огнот со Израел
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа