Немири во Париз: Приведени 217 лица на протестот поради пензиските реформи
Француската полиција приведе 217 лица за време на протестот во Париз против пензиската реформа, која беше усвоена со покренување посебна постапка, пренесува порталот BFMTV.
Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите на Плас де ла Конкорд во Париз, каде што се собраа околу 7.000 луѓе да протестираат против пензиските реформи. Како што јави Ројтерс, демонстрантите фрлале со камења кон полицијата, која потоа интервенирала за да ги разбие групите.
Француската премиерка Елизабет Бурн претходно покрена специјална процедура за усвојување на непопуларниот закон за пензиските реформи во Националното собрание без гласање, среде извици и скандирања на пратениците од левицата што вееја транспаренти против пензиските реформи.
Користејќи го таканаречениот член 49.3 од Уставот, беше обезбедено усвојувањето на нацрт-законот за зголемување на старосната граница за пензионирање за две години – од 62 на 64 години, но тоа покажува дека претседателот Емануел Макрон и неговата влада не успеале да обезбедат доволно мнозинство во Парламентот, објави Ројтерс.
Агенцијата оценува дека опозициските партии најверојатно ќе побараат гласање за доверба на Владата, но тешко дека владата ќе падне бидејќи мнозинството конзервативни пратеници најверојатно ќе ја поддржат.
Макрон и неговата влада тврдат дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање е неопходно за одржување на пензискиот систем, но неговиот неуспех да ја изгласа пензиската реформа во парламентот е удар за неговите напори да спроведе нови реформи, според Ројтерс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа