ОН: Нема интерес за сериозни преговори меѓу завојуваните страни во Судан
Нема знаци дека завојуваните страни во Судан се подготвени сериозно да преговараат за ставање крај на борбите, изјави претставникот на ОН во земјата за време на нестабиниот 72-часовен прекин на огнот во текот на кој беа пријавени вооружени судири на стратешки локации во Картум и на други места, пренесува „Ал Џезира“.
На вчерашниот состанокот на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, претставникот на ОН во Судан, Волкер Пертес, изјави дека двете страни во конфликтот веруваат оти можат да освојуваат победа.
„Сè уште нема недвосмислен знак дека едните и другите се подготвени сериозно да преговараат, што сугерира дека и двете страни мислат оти е можно да се извојува воена победа над другиот. Тоа е погрешна проценка “, смета Пертес.
Тој се вклучил на состанокот преку видео линк од Порт Судан, во источниот дел на земјата, каде што ОН и други организации преместија дел од својот персонал.
Коментирајќи го привременото и нестабилно примирје меѓу Вооружените сили на Судан (САФ) и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кое стапи на сила во вторникот, Пертес рече дека иако засега тоа се одржува во некои делови, борбите во клучните области продолжиле.
Пертес, исто така, го осуди непочитувањето на законите и нормите на војната од страна на борците кои го претворија Картум во воена зона, оставајќи зад себе стотици мртви, илјадници ранети и уништена цивилна инфраструктура, вклучително и болници.
„Двете завојувани страни не ги почитуваат законите и нормите на војната, напаѓајќи ги густо населените области без грижа за цивилите, болниците, па дури и за возилата за транспорт на ранетите и болните. Борбите создаваат хуманитарна катастрофа, а цивилите го носат најголемиот товар “, рече претставникот на ОН.
Станбените области во Картум се претворени во боишта на кои нападите со огнено оружје и тенкови, воздушните напади и артилериското гранатирање убиле најмалку 459 луѓе, а повеќе од 4.000 се ранети.
Во прекин се струјата и водата, а има и ограничена дистрибуција на храна во земјата во која една третина од 46 милиони жители се зависни од помошта во храна.
ОН планираат да основаат центар во Порт Судан за да продолжат да работат во земјата во која, дури и пред избувнувањето на конфликтот, речиси 16 милиони луѓе имаа потреба од хуманитарна помош.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги опиша насилството и хаосот во Судан како трагични.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа