Негатива од два гола во Тбилиси: Македонија ги загуби шансите за првото место

 

Нашиот национален тим можеби имаше и повеќе шанси од домаќинот, но затаи реализацијата.
Македонија почна добро, имаше контрола на играта, а Стефан Спировски прв се закани кога влезе во шеснаесетникот и беше згазнат од противнички дефанзивец. Но, сепак, судијата Иван Кружлиак оцени дека нема доволен интензитет во тој старт за да покаже на белата точка, а не дови инструкции ниту од ВАР-собата.

Елиф Елмас беше следниот кој предизвика бура во одбраната на Грузија, но немаше поголем ефект.
Во 20.минута, Енис Барди се обиде од слободен удар, но директно во Ѓерѓи Мамардашвили.

Грузија се ослободи од притисокот, а првата сериозна закана дојде од Ѓорги Абурџанија. Тој шутираше одлично во 34.минута, а уште подобра беше интервенцијата на Столе Димитриевски кој исфрли во корнер.
Само една минута подоцна, Квича Кварацхелија продре по десната страна, уфрли во петерецот, а топката го погоди Бојан Миовски и заврши во мрежата. До крајот на првиот дел Грузијците имаа уште два обиди, но крај голот на Димитриевски.

На стартот на вториот дел, четири шанси за Македонија. Елиф Елмас двапати во три минути шутираше, но не ја погоди мрежата. Потоа во можност беше Бојан Миовски и не реализираше, а Езгјан Алиоски од 20 метри упати удар крај голот.

Во 55.минута Кварацхелија упати „бомба“ од 25 метри, но за малку крај голот на Столе Димитриевски.

Девет минути подоцна, тој го постигна вториот гол за Грузија. Голема грешка на Дарко Велковски, топката ја одзема Буду Зивзивадзе, излезе сам пред голот, но го проигра Кварацхелија кој стрелаше во празната мрежа на Димитриевски.

Во 78.минута, Енис Барди се обиде од слободен удар, но Мамардашвили одлично одбрани. На крајот, втор пораз за Македонија во пресметките со Грузија.

МАКФАКС

23.09.2022 - 20:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега