„Не сме ние да живееме во оваа држава и овој век“ ѝ рекла Сара последните денови на деканката
Со едно минутно молчење на почеток и долготраен аплауз на крајот, како и настап на студентскиот оркестар и пијанистот Дино Имери беше одржана комеморација во чест на професорката Сара Пројкоска, која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
Настанот беше исполнет со тишина, емоции и спомени за една личност која, како што велат нејзините колеги и пријатели, знаеше да го осветли секој простор со своето присуство.
Во чест на Сара, актерката Биба Додева прочита поема од поетесата Ана Бунтевска, напишана специјално за неа. Во трогателниот текст, се опишува Сара како личност која и покрај тагата во очите, секогаш беше насмеана, силна и искрено љубеше – животот, семејството, пријателите.
„Да те расположи кога не си добро, музика која кога ќе бидеш тажен да тагува заедно со тебе како што ние сега тагуваме по нејзе. Ова е песна напишана од нашата драга Ана за Сара која што имаше огромен интегритет, си го почитуваше семејството, традицијата, знаеше од каде доаѓа. Ги обожуваше, се гордееше со своите деца и знаеше искрено да сака од срце, како што го сакаше Златко и сите нас“, рече Додева и почна да ја чита поемата:
„Насмеана си душо моја и во толпата одлично се снаоѓаш, весело разговараш на сите теми вртејќи ги зборовите вешто како жонглер кому топчињата никогаш од раце не му паднале освен, освен можеби делови од животот кои што го составуваш по неколку пати во денот и секој пат кога ќе го натокмиш излегува дека имаш вишок делови, знаеш како секој поправен апарат, и се прашуваш дали еден ден ќе успееш да се составиш од едно големо ништо. Еве си душо моја, насмеана во усните и тага во очите, со тој црвен кармин чија нијанса одлично ти стои, го топиш во црно вино за да може срцето да ти се обои и со кралско движење на раката косата ја местиш небаре даваш некому благослов и пееш ах пееш како никогаш до сега, ѕвониш и гласот ти е мирен како мајчина рака ама душата, ете таа ти знае, таа ти трепери како по жица да одиш, а удоле амбис кој право во очи ти гледа, и колку погласно пееш – толку подлабоко нуркаш, и само едно лесно движење те дели од она долу па заќутуваш и трепнуваш неколку пати. Отпочнуваш неважен муабет без никакво значење, ја земаш ташната која наликува на куфер, и во која освен шминките и паричникот, си ги чуваш и спомените за сопствениот мир. И еве си, чебркаш по несесерот со навезени пилиња, несвесно со прстот ги галиш како да ќе оживеат, ги мамиш да ги отворат клуновите ете барем тие да го кажат она што го има премолчено твоето пиле, она што ти седи замолкнато во градите, во срцето. И еве си повторно насмеана со чашата наздравуваш, проклетство ќе пиеме за животот а за нас по смртта ќе пијат, и знаеш дека силна си и ова ќе го истуркаш, дека плеќите ќе го искрпат и овој товар, и дека што и да е, добро ќе е. Ма по ѓаволите се да оди, добро ќе си и ќе пееш повторно, но овој пат навезените пилиња во ташната ќе ти спијат, и ќе пееш заедно со она што во срцето од раѓање го носиш, со отворени дланки и душа распослана ќе седиш, спокојна во силата која во секое ковче ја носиш. Сара, душо моја!“
Деканката на Факултетот за музичка уметност, Проф. м-р Дарија Андовска на комеморацијата се најави како повеќедецениска другарка на Сара.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа