Најмалку три лица загинаа откако автобус излета од мост и падна во река во Шпанија
Најмалку три лица загинаа, а четири се водат за исчезнати откако патнички автобус вчера излета од мост и падна во река во северозападна Шпанија, соопштија денеска локалните служби за итни случаи.
Двајца преживеани – возачот на автобусот и еден патник – досега се спасени од реката Лерез, каде силните струи и високите текови поради обилните дождови што го зафатија регионот на Галиција ги отежнаа напорите за пребарување и спасување, соопштија властите.
Преживеаните се пренесени во блиските болници со различни повреди, додаваат тие. Автобусот од неразјаснети причини излетал од патот и паднал од мостот во водата околу 21:30 часот по локално време.
Според прелиминарните податоци, во автобусот имало вкупно девет лица, возачот и осум патници, изјави регионалната функционерка Маица Лариба.
Во текот на ноќта спасувачките тимови мораа да ја прекинат операцијата речиси два часа поради лошите временски услови и условите на теренот пред да ја продолжат во утринските часови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа