На секои десет минути има по едно убиено дете во Газа

Дваесет и осум предвремено родени бебиња кои беа евакуирани од болницата „Ал Шифа“ вчера пристигнаа во Египет преку преминот Рафах.

Најмалку 70 луѓе загинаа во болница во Кан Јунис, на југот на Појасот Газа по израелски воздушен напад врз тој град, соопштија „Лекари без граници“. Организацијата наведува, повикувајќи се на својот персонал во медицинскиот комплекс „Насер“, дека десетици луѓе, меѓу кои и деца и адолесценти, се лекуваат поради „тешки изгореници“, објави „Хаарец“. Во соопштението се додава дека нападот се случил на еден километар од болницата, а на лекување пристигнале 122 пациенти.

Вчера, кога се одбележуваше Светскиот ден на детето, пристигна информација дека од 7 октомври досега се убиени 5.500 деца, што претставува по едно убиено дете на секои 10 минути, пренесе „Ал Џезира“. Покрај официјалниот број на загинати деца, се претпоставува дека уште 1.900 се мртви под урнатините. Околу 9.000 деца се повредени од почетокот на конфликтот, повеќето со сериозни и долготрајни повреди. Од 2,3 милиони жители на Газа, половина се деца, а вкупно 70 отсто од жртвите се жени и деца.

Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) кој во саботата ја посети најголемата болница во Газа објави дека 32 бебиња се меѓу десетиците пациенти во критична состојба кои останале во болницата каде што израелските сили влегле минатата недела.

21.11.2023 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега