Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт


Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва на прес конференција упати честитка до македонскиот народ за високата демократска свест манифестирана преку голема излезност.

„Со тоа народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува правецот во кој треба да се развива нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја видиме напредна земја со европски стандарди во правото, здравството, образованието, земјоделието и сите други области значајни за граѓаните“, вели Муцунски.

 

Според него, од аспект на изборниот процес, денот помина генерално во фер и демократска атмосфета, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.

„Имено од досегашните податоци за нерегуларности кои ги имаме добиено од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, но и импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето Гоце Делчев во Гостивар. Исто така забележани се случаи на семејно и колективно гласање, за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.

 

На неколку избирачки места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на убиг апаратите или немање на печат. Во едно избирачко место бидејќи немале печат избирачкиот одбор добил насоки од ОИК гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал не биле потпишани сите субјекти.

За сите забелешки, но и оние кои ќе ги добиеме, како партија соодветно ќе постапиме пред надлежните институции, затоа што во наш, но и во интерес на Македонија е да имаме кристално чист изборен процес, процес кој според нас треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи, правда“, посочи Муцунски.

24.04.2024 - 19:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега