„Му простувам“: Прва изјава на словачкиот премиер Фицо по застрелувањето

 

Словачкиот премиер Роберт Фицо, жртва на обид за атентат во средината на мај, денеска изјави дека е подготвен да се врати на своите должности од крајот на јуни, во видеото што го објави на Фејсбук.Зборувајќи за првпат откако беше застрелан, Фицо рече дека му простил на напаѓачот.

„Не чувствувам никаква омраза кон странецот што ме застрела“, истакна Фицо, според англискиот превод на видеото, изгледајќи смирено, но правејќи долги паузи.>„Му простувам и му дозволувам да размисли што направил и зошто го направил тоа“, додаде тој.

Освен тоа, шефот на словачката влада извршителот на нападот против него го нарече активист на опозициските партии, велејќи дека нема причина да верува дека станува збор за „осамен лудак“.

„Тоа не беше напад извршен од лудак“, нагласи Фицо, додавајќи дека напаѓачот „не е ништо друго туку гласник на злото и политичката омраза што разочараната и политички неуспешна опозиција ги разви во Словачка“.

„На 15 мај, словачки опозициски активист се обиде да ме убие во Хадлова поради моите политички ставови“, вели Фицо во видеото, додавајќи дека медицинскиот персонал го спречил најлошото.

Облечен во кошула закопчана догоре, со засукани ракави и со камерата која го снима од половината нагоре додека седи на црн кожен канцелариски стол со црвена завеса зад него, Фицо изгледаше дека е во добра форма.

05.06.2024 - 22:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега