Мобилни тимови на Црвен крст со теренски активности низ Скопје за справување со топлотниот бран
Град Скопје соопшти дека Црвениот крст на Град Скопје денеска почнал со теренски активности за справување со најавениот топлотен бран.
„Мобилните тимови на Црвен крст, од денеска (21.07.2022) до (28.07.2022) четврток ќе бидат на терен каде на повеќе фреквентни локации низ градот (автобуски стојалишта, амбуланти, пазари...) ќе дистрибуираат вода за граѓаните, како и информативни материјали со совети за граѓаните за заштита од високите температури, консумирање и приготвување на храна.
Покрај ова, тимовите на Црвениот крст по потреба ќе вршат и мерење на крвниот притисок на граѓани кои ќе се пожалат на здравствени проблеми, а во интервентни случаи, доколку кај некое лице се забележи посериозен здравствен проблем, ќе се изврши и транспорт до најблиската здравствена установа или домот на лицето кое има потреба од терапија во домашни услови“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Град Скопје соопшти дека овие теренски активности за справување со топлотниот бран ќе ги реализираат 30 обучени волонтери од Црвениот крст.
„Во насока на грижата на здравјето на бездомните лица, мобилните екипите од пунктот во Момин Поток ќе пружаат помош за овие лица, преку дистрибуција на вода, мерење на крвен притисок, како и обезбедување на транспорт до здравствени установи во интервентните случаи. Мобилните тимови од пунктот во Момин Поток се составени од доктор и парамедик, а сите граѓани можат вакви случаи да ги пријават на телефонот 071/223-972“, велат од градот Скопје.
21.07.2022 - 12:52
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа