Мицкоски најави лимитирање на цените на производите кои се неопходни за старт на учебната година
По примерот на соседните држави, сега најава за ограничување на цените на производите кои се неопходни за почеток на учебната година најавува и македонската Влада.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека денеска треба да биде готова анализата, а предлог-мерката веќе утре ќе се најде на владина седница.
-Правиме анализа на сите тие трошоци и мислам дека таа во текот на денот денеска ќе биде готова и веќе на утрешната редовна седница на Владата ќе излеземе со план за лимитирање на цените на производите коишто се неопходни за успешен и порелаксиран старт на учебната година, пред се за родителите, односно лимитирање на цените на производите коишто се најпотребни за да имаме успешен старт на учебната година, но и перидот после летото да можеме да го поминеме. Се надевам дека во текот на денешниот ден таа анализа ќе биде готова и ќе излеземе со предлог-мерка на утрешната владина седница, а веднаш по завршувањето и по позитивното усвојување на таа владина мерка ќе имаме и прес-конференција, обраќање до јавноста каде што ќе можеме да ги соопштиме сите овие податоци. Така што – да се подготвуваме да го олесниме трошокот на родителите за успешен старт на учебната година со лимитирање на цените на производите коишто се најпотребни за успешен старт на учебната година, вели Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа