Меџити: Работиме на долгорочни решенија кои ќе стават крај на загадувањето
Првиот вицепремиер на Македонија, Изет Меџити, во вчерашното интервју за „24 Анализа“ со Душица Мрѓа истакна дека Владата е целосно посветена на решавање на проблемот со загадувањето, а меѓу клучните решенија ќе бидат гасификацијата и реформите во урбаниот превоз. Според него, овие мерки ќе доведат до намалување на загаденоста за 50-70% и ќе ја намалат цената на централното греење за граѓаните.
- „Инспекторатот секојдневно е на терен, како во однос на транспортот, така и во борбата против загадувањето. Сме ригорозни по ова прашање, но ваквите мерки само го ублажуваат проблемот, не го решаваат целосно,“ изјави првиот вицепремиер Изет Меџити, запрашан за ефикасноста на инспекторатите на терен.
Освен гасификацијата, вицепремиерот Меџити ги потенцираше и проектите „каршеринг“, поддршката за приватните такси компании и подобрувањето на јавниот превоз.
Обелоденувајќи ги мерките на Владата, Меџити објасни: „Помагаме и со приватни иницијативи, како проектот „каршеринг“, каде наскоро ќе бидат воведени илјада автомобили. Исто така, со Унијата на таксистите сме во преговори да ги помогнеме во замената на 200-250 автомобили од гас, нафта и бензин на електрични автомобили. Во процедура е и намалувањето на ДДВ од 18% на 2,9%. Како Влада, покрај шесте електрични автобуси што ги дадовме како донација на Град Скопје, планираме и други општини кои имаат урбан транспорт да ги поддржиме со набавка на 100-120 електрични автобуси. Постојат и дополнителни мерки со кои сметаме дека конечно ќе го решиме овој проблем.“
Дополнително, вицепремиерот Меџити е уверен дека овој пат гасификацијата ќе успее и ќе биде основа за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загаденоста. „Ние целосно сме посветени на решавање на причините. Убеден сум дека овој пат гасификацијата, заедно со когенеративните системи кои ќе претставуваат нов начин на снабдување со енергија за граѓаните, ќе ја намали цената за централно греење и со тоа ќе ја ублажиме загаденоста за 50-70%“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа